свет

На бегалската рута од Аракан кон Бангладеш се родија 100 бебиња

Во последните две недели, на границата помеѓу Мјанмар и Бангладеш, без никаква медицинска помош на свет се донесени 100 бебиња

Zehra Ulucak  | 11.09.2017 - Обновена : 11.09.2017
На бегалската рута од Аракан кон Бангладеш се родија 100 бебиња İlhami Erkılıç/AA

Ankara

АНКАРА (АА) - Во последните две недели, во близина на границата помеѓу Мјанмар и Бангладеш, односно на патот што го користат муслиманите од Аракан, во опасни и нехигиенски услови се родија 100 бебиња, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според извештаите на бангладешкиот весник „Dhaka Tribune“ (Дака Трибјун), во последните две недели, на границата помеѓу Мјанмар и Бангладеш, без никаква медицинска помош на свет се донесени 100 бебиња.

Во нападите што мјанмарската војска ги врши од 25 август, под изговор борба против вооружените милитанти, смртно настрадаа голем број аракански муслимани, а во текот на опасното патување до безбедна зона се породија и голем број трудници.

Една од нив е и 25-годишната Сураија Султан, која откако мјанмарската војска извршила упад во нејзината куќа и го запалила селото во кое живееше, оставила сѐ што имала и побегнала.

Сураија е една од многубројните Рохинџа муслимани на кои, на 26 август, граничната полиција на Бангладеш не им дозволи да влезат во земјата, па останаа да чекаат во подрачјето Џумун Кали Барибанд.

Откако почувствувала породилни болки, таа побарала помош од полицијата. На крајот, офицерите заедно со неколку жени ја качиле во чамец на граничната полиција. Болките станувале сѐ посилни. Жените кои се наоѓале во чамецот ѝ помогнале на Сураија да се породи.

Полициските службеници забележале дека нејзината здравствена состојба се влошува, поради што ја испратиле во бегалскиот камп во Најапари. Така, Сураија и бебето добиле медицинска помош.

Претставникот на кампот, Мохд Моминул Хаг, за „Dhaka Tribune“ изјави дека од 26 август се родени околу 100 бебиња, а мајките се испратени во камп за да им се укаже помош.

„Овие мајки и бебиња беа во критична состојба. Сторивме сѐ што можевме за да им помогнеме“, изјави Хаг.

Новинарот сретнал многу жени како Сураија, кои со своите деца се бездомници и бараат храна.

Координаторот на медицинскиот центар „Ганашаста Кендра“, Монзур Кабир Ахмед, изјави дека на ничија земја, од 4 до 10 септември сретнале 89 мајки и деца.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.