Турција

Објавен Извештајот за злоупотреба на верата во реториката на ФЕТО

Врховниот совет на Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет) денес го објави извештајот „Злоупотреба на религијата во реториката на терористичката организација ФЕТО“

Barış Gündoğan, Özcan Yıldırım  | 26.07.2017 - Обновена : 27.07.2017
Објавен Извештајот за злоупотреба на верата во реториката на ФЕТО

Ankara

АНКАРА (AA) - Во извештајот на Управата за верски работи на Република Турција, објавен денес во Анкара, забележано е дека лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, систематски работел на тоа меѓу членовите на организацијата да биде сметан за натприродно суштество кое Господ го избрал да биде чувар на исламот во времето пред крајот на светот, јавува Anadolu Agency (AA).

Врховниот совет на Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет) денес го објави извештајот „Злоупотреба на религијата во реториката на терористичката организација ФЕТО“, а станува збор за анализа на верската реторика што во текот на изминатите четири децении ја користеше лидерот на таа терористичка организација, Фетула Ѓулен.

Анализата е направена по налог на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а така се откриени сите детали за тоа како Ѓулен со злоупотреба на верските чувства ги залажувал и ги заведувал припадниците на терористичката организација ФЕТО.

Извештајот, кој укажува и на штетата што ФЕТО му ја нанесе на исламот, напишан е на 140 страници, а составен е по анализата на 80 книги, преглед и сослушување на аудио и визуелен материјал во времетраење од околу 670 часа, а кои се однесуваат на обраќањата на лидерот на терористичката организација ФЕТО.

Забележано е дека Фетула Ѓулен од почетокот на своето дејствување систематски работел на тоа да се претстави како натприродно суштество, а не како човек кој е еднаков со сите останати.

Претставувајќи им се на своите поданици како „избраниот“, Ѓулен околу себе создал круг во којшто сите го третирале како да е божји пратеник и дека таа заедница е нова генерација на муслимани.

Тој себеси се претставува како научник и добар познавач на исламот, своите поданици ги уверувал во искривените идеи и своите наредби ги претставувал како да дошле директно од пророкот Мухамед.

Злоупотребувајќи ја верата, наведувал дека „во сон и на јаве го гледа Пејгамберот (божјиот пратеник), од него добива наредби, кои ги проследува до членовите на својата организација“.

Стручните лица кои ја составија денес објавената анализа на Ѓуленовата реторика напоменуваат дека лидерот на ФЕТО на најгруб начин ги крши верските начела и ги злоупотребувал тесавуфските (суфистички) изрази за да управува со организацијата.

Во извештајот се наведени и примери и извадоци од Ѓуленовите обраќања, преку коишто ширел искривени и опасни идеи. Сите наведени примери се поткрепени со видео или аудиоснимки.

Во текот на предавањето одржано во џамијата Хисар, на 29. ноември 1989 година, Ѓулен на присутните им вели дека е на бината од која се обраќа и самиот Бог, што се смета за ширк, еден од најголемите гревови во исламот. Во истата таа џамија во Измир, и на 9. јули 1979 година тој на присутните им вели дека се обраќа директно во името на Бога.

Во измирската џамија Садирван, Ѓулен на 25. март, во текот на предавањето рече дека има посебен однос со Господ и оти директно прима упатства од пророкот.

Во извештајот се наведува дека Ѓулен се претставувал како призма што на припадниците на неговата организација им испраќа директни упатства од Бог, а одел дури и толку далеку и рекол дека навредите упатени кон него значат и навредување на Господ, и оти во пеколот би можеле да завршат сите кои нема да му бидат послушни.

Лидерот на ФЕТО, Ѓулен, во текот на своите обраќања ги уверувал припадниците дека ќе се залага за нив на идниот свет, како и дека ќе ги одведе во рајот, потоа дека сите негови клетви ќе бидат прифатени, а сите што ќе му наштетат ќе завршат во пеколот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın