свет

Позната како „Срцето на Африка“, Нигерија и понатаму го сонува сонот за просперитет

Британците официјално владееја со Нигерија од 1850 до 1960 година, кога Нигерија стекна независност и се извлече од челустите на колонијализмот

Tuğrul Çam  | 05.06.2017 - Обновена : 06.06.2017
Позната како „Срцето на Африка“, Нигерија и понатаму го сонува сонот за просперитет

Abuja

АБУЏА (АА) - По повеќевековното угнетување и колонијализмот, Нигерија во изминатите шест децении од независноста прерасна во најнаселената земја и втората економија во Африка, и поради особеностите често го носи називот срцето на Африка, пишува Anadolu Agency (AA).

Нигерија од 19-тиот век бeше под управа на британската колонијална политика, но уште од 15-от век, беше на удар на Португалија и други европски империјалисти, кои од Нигерија земаа луѓе и ги продаваа како робови во Америка, на Карибите и низ цела Европа.

Британците официјално владееја со Нигерија од 1850 до 1960 година, кога Нигерија стекна независност и се извлече од челустите на колонијализмот. Тоа беше времето кога вкупно 18 африкански држави го искористија периодот на воспоставување нов светски почеток по завршувањето на Втората светска војна, и истата година прогласија независност.

Лидерот на борбата за независност на Нигерија, Тафив Балева, на плоштадот во првата нигериска престолнина, Лагос, прогласи независност на оваа земја, а денес платото на коешто е одржан познатиот говор се користи за концерти и други манифестации.

Редарот на плоштадот Хафиз Бало Илијас во разговор за АА истакна дека му се измешани чувствата кога размислува за периодот од британскиот колонијализам, но дека сеќавањата на денот на прогласувањето на независност и говорот на Балевин сѐ уште се свежи.

„Овде е прогласена независноста на Нигерија. Бев ученик и имаше ученичка парада на плоштадот. Тоа беше возбудливо време кога сите се радуваа поради самостојноста. Тоа беше интересно и незаборавно, но не можам да кажам дека успеавме да ги оствариме сите соништа бидејќи и денес имаме многу проблеми што ги имавме и во колонијализмот“, рече Илијас.

На врвот на листата на проблеми со кои се соочува Нигерија денес, а за кои зборува и Илијас, се сиромаштијата која е резултат на фактот што Нигерија не ги користи ефикасно богатите природни ресурси кои ги има.

Со население од околу 200 милиони жители, Нигерија, по Јужноафриканската Република е втора најголема африканска економија, но сиромаштијата е резултат на тоа што националната економија се базира исклучиво на приходите од нафта, и не е направена реформа која би го проширила опсегот на социјалните приходи.

Нафтата го сочинува 90 отсто од извозот на Нигерија, а падот на цената на овој енергенс на глобалниот пазар предизвика пад на националниот доход на таа африканска земја по глава на жител од 6.200 американски долари во 2015 година на 5.900 американски долари во 2016 година.

Важен ресурс за иднината на Нигерија секако е младата популација, затоа што 60 отсто од населението го сочинуваат млади луѓе на возраст до 24 години. Мултиетничноста е нешто по што Нигерија е позната во регионот, со повеќе од 250 етнички групи. Најголеми етнички групи се Хауса, Фулани, Јоруба, Игбо, Ијав и Канури.

Како оставнина од колонијализмот, англискиот јазик е официјален јазик во Нигерија, но има претпоставки дека во оваа земја се зборува на речиси 500 различни локални јазици.

Во Нигерија живеат околу 90 милиони муслимани, што е најголема муслиманска популација во цела Африка. Населението на Нигерија го сочинуваат 50 отсто муслимани, 40 отсто христијани, а останатите се припадници на локалните верски групи.

По низа воени удари, Нигерија на изборите во 1999 година ја доби првата цивилна влада. На претседателските избори минатата година победи Мухамед Бухари, пензиониран генерал, кој во 1983 година го предводеше воениот пуч.

Нигерија, зафаќа површина од 920 квадратни километри, на кои се наоѓаат богати рудни резерви. Нигериските ресурси порано се користеле за индустријализацијата и изградбата на Велика Британија, но властите во таа африканска земја никако да најдат начини и механизми националното рудно богатство да го искористат за економски развој. Според официјалните податоци, Нигерија е осма земја во светот по нафтените, а девета по резервите на природен гас, но и понатаму жителите на земјата живеат тешко и немаат голема корист од богатството на коешто лежат.

Невложувањето во инфраструктурата, извозот на сурова нафта и увозот на преработени нафтени деривати најверојатно се главните причини за економската стагнација на Нигерија.

Поволната клима и 37 отсто обработливи површини ѝ нудат на Нигерија и земјоделски развој, но ниту тој ресурс не е искористен.

Соочени со сиромаштијата, лошата здравствена и секаква друга инфраструктура, Нигеријците во просек живеат 53 години, додека жените во таа земја во просек живеат три години подолго.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.