политика

Претседателот Иванов ги повика на средба партиските лидери

„На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба", порача претседателот Иванов

Admir Fazlagic  | 27.04.2017 - Обновена : 28.04.2017
Претседателот Иванов ги повика на средба партиските лидери (Foto: Admir Fazlagic/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, вечерва одржа вонредна прес-конференција, на која ги повика граѓаните да останат смирени, и упати повик до партиските лидери да дојдат на средба утре во неговиот кабинет. Претседателот Иванов ги повика на одговорно однесување сите надлежни институции и рече дека тие мораат да ги почитуваат уставот и законите на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

„Во овие моменти на општа загриженост околу настаните во Собранието на Република Македонија Ве повикувам да бидете смирени. Ве повикувам да останете присебни и да не подглегнувате на разни провокации, лажни вести и манипулации. Повикувам на смирување на тензиите и на ненасилство. Повикувам на разумно и одговорно однесување.Повикувам на одговорно однесување на сите надлежни институции кои мораат да ги почитуваат уставот и законите на Република Македонија", рече Иванов.

Тој во своето обраќање рече дека пратениците се најодговорни за враќањето на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, за кои рече дека денеска беа прекршени. Тој упати повик до лидерите на парламентарните партии да дојдат во неговиот кабинет на лидерска средба.

„Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив. Оваа состојба може да се надмине само преку почитување на правниот поредок на Република Македонија. Нема прашање за кое не може да се најде решение преку дијалог во согласност со Уставот и законите на Република Македонија. Затоа ги повикувам лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во мојот кабинет на лидерска средба за да ја разгледаме новонастантата состојба", истакна Иванов и додаде:

„На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба. Лидерите ја добиле довербата од граѓаните и тие се најодговорни за наоѓање решенија во согласност со уставот законите и деловникот за работа на Собранието".

„Никој друг од надвор нема да ни ги реши проблемите ако самите ние не ги решиме во согласност со државните интереси на Република Македонија", порача претседателот Иванов во неговото вечерашно вонредно обраќање до јавноста.

Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.