Турција

Терористички напад во Истанбул

Од кабинетот на премиерот беше истакнато дека недела се прогласува за ден на национална жалост

Ekipa  | 11.12.2016 - Обновена : 11.12.2016
Терористички напад во Истанбул

Istanbul

ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 29 лица, меѓу кои 27 полицајци, загинаа во два одвоени бомбашки напади во истанбулската населба Бешикташ, соопшти турскиот министер за внатрешни работи на Сулејман Сојлу рано утринава, јавува Anadolu Agency (AA).

Меѓу загинатите има и двајца полициски началници, а најмалку 166 лица се повредени, им соопшти министерот Сојлу на новинарите во Истанбул. Тој додаде дека десетмина осомничени се приведени како дел од тековната истрага.

Министерот за здравство, Реџеп Акдаг, изјави дека 20 од повредените се отпуштени од болница, додека 17 се на операција, шестмина се на интензивна нега, од кои тројца во критична состојба.

Две експлозии одекнаа во градот, најпрвин автомобил-бомба, а потоа, за помалку од една минута се разнесе бомбаш-самоубиец, истакна вицепремиерот Нуман Куртулмуш.

Од кабинетот на премиерот беше истакнато дека недела се прогласува за ден на национална жалост.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека нападот бил насочен кон полицијата но и кон цивилите, со цел да предизвика голем број жртви.

„Кога Турција прави позитивен чекор кон иднината, одговорот доаѓа веднаш во форма на крв, губење на животи, бруталност и хаос предизвикан од страна на терористичките организации“, рече Ердоган.

Турскиот претседател Ердоган поради терористичкиот напад ја откажа денешната посета на Казахстан.

Премиерот, Бинали Јилдирим, претходно изјави дека Владата ќе ги посвети сите ресурси со цел темелно да се истражи суровиот напад.

„Убијците кој во залог го зедоа животот, мирот и среќата нема да го загрози интегритетот на државата и нацијата. Нема да успеат да ја одвратат Турција од патот на демократијата и правото“, рече Јилдирим.

Експлозијата се случи два часа по завршување на натпреварот помеѓу Бешикташ и Бурсаспор во турската фудбалска лига во Водафон Арената.

Нихат Јилдиз за АА изјави дека слушнал две експлозии со интервал од една минута. "Со експлозијата имаше голем пламен. Прозорците од рестораните се искршија од експлозијата. Потоа слушавме пукотници околу две минути", рече тој.

Друг очевидец, Абдула Чавуш, навивач на Бурсаспор, рече дека експлозијата се случила откако автобусите со навивачите се оддалечиле од местото каде што потоа одекна експлозијата.

Американската амбасада преку Твитер го осуди нападот. "Ние го осудуваме вечерашниот кукавички напад, а ја поздравуваме храброста на турскиот народ и сме заедно со нив против тероризмот", беше истакнато од амбасадата.

Белата куќа исто така го осуди нападот и повика на солидарност. "Нашите мисли и молитви се со загинатите, со нивните семејства и саканите, и со сите луѓе во Турција", истакна во соопштението портпаролот на Советот за национална безбедност Нед Прајс. "Ние сме заедно со Турција, нашиот НАТО сојузник, против сите терористи кои ѝ се закануваат на Турција, на САД и на глобалниот мир и стабилност".

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц на социјалните мрежи објави: "Моите мисли и моето сочуство е со турските граѓани, со семејствата на загинатите од нападот во Истанбул. На повредените им посакувам брзо опоравување".

Портпаролот на генералниот секретар на Советот на Европа рече дека Европа ја поддржува Анкара. "Турција може да се потпре на солидарноста и поддршката на европските влади и на Советот на Европа по терористичкиот напад во Истанбул", истакна Даниел Холтген.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го осуди нападот, нарекувајќи го "ужасен акт на тероризам". Тој истакна дека НАТО е обединет во знак на солидарност со својот сојузник Турција. "Ние и понатаму сме одлучни да се бориме против тероризмот во сите негови форми", додаде тој.

Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, рече дека Велика Британија се обврзува да се бори против тероризмот заедно соТурција, додавајќи дека неговите мисли се со настраданите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.