свет

Џонсон го обвини Оланд дека ја казнува Британија поради Брегзит

„Доколку Оланд сака да биде лидер кој ги казнува државите што сакаат да избегаат од ЕУ како во филмовите од Втората светска војна, не верувам дека тоа ќе му помогне да оди напред“

Aslı Aral  | 19.01.2017 - Обновена : 19.01.2017
Џонсон го обвини Оланд дека ја казнува Британија поради Брегзит

London

ЛОНДОН (АА) – Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, ја обвини Франција дека ја казнува Британија поради одлуката за излез од ЕУ како во филмовите од Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).

Во говор одржан за време на средбите во Индија, Џонсон рече: „Доколку Оланд сака да биде лидер кој ги казнува државите што сакаат да избегаат од ЕУ како во филмовите од Втората светска војна, не верувам дека тоа ќе му помогне да оди напред. Ова не е во интерес на нашите пријатели и партнери“.

Овие зборови на Џонсон, во Британија предизвикаа реакции од типот: „Борис Џонсон го спореди францускиот претседател Франсоа Оланд со нацистички стражар“.

Британското министерство за надворешни работи ги негираше овие реакции. Оттаму велат дека зборовите на Џонсон се сфатени погрешно. „Министерот не направил никаква споредба со нацист. Тој не го употреби зборот ’нацист’ во својот говор. Џонсон направи една театрална метафора, повикувајќи се на филмовите од Втората светска војна“, велат од министерството.

Меѓутоа, изјавата на Џонсон предизвика реакции и внатре и надвор од државата. Од главната опозициска лабуристичка партија изјавија: „Сите знаеме дека министерот за надворешни работи има навика да дава несоодветни и случајни изјави“, додека пак лидерот на Либералната демократска партија, Тим Фарон рече: „Ова се груби и неуки изјави од еден наш дипломат од висок ранг“.

Преговарачот на Европскиот парламент за Брегзит, Гај Верхофштад, на својот профил на една од социјалните мрежи напиша: „Повторно бескорисни коментари на Борис Џонсон коишто предизвикуваат омраза, а не се од никаква помош. Британскиот премиер треба да ги осуди овие изјави“.

Британските медиуми објавија дека Оланд не реагирал на зборовите на Џонсон, меѓутоа во печатот се појави минатогодишната изјава на францускиот претседател во која тој вели: „Доколку Британија излезе од ЕУ, ќе ја плати цената за тоа“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.