образование

Зголемен бројот на високообразовани лица на возраст од 30 до 34 години

Во 2015 година, 29 проценти од населението во Македонија, на возраст меѓу 30 и 34 години имаат стекнато високо образование, наспроти 12 проценти во 2006 година

Ivana Ramadanova  | 20.02.2017 - Обновена : 21.02.2017
Зголемен бројот на високообразовани лица на возраст од 30 до 34 години

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Последниот извештај „Од универзитет кон вработување“ на Директоратот за образование при Европската комисија покажува дека во 2015 година, 29 проценти од населението во Македонија, на возраст меѓу 30 и 34 години имаат стекнато високо образование, наспроти 12 проценти во 2006 година, соопшти заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Тоа е потврда за ефикасноста и ефективноста на нашата стратегија за поддршка и развој на високото образование, за што поголема отвореност на системот и поттикнување на граѓаните за вклучување во него. Исклучително позитивниот ефект се должи на посветеноста на Владата и на повеќето стимулативни мерки воведени во изминатите години, со кои високото образование стана подостапно. Покрај намалената партиципација и дисперзираните студии, во зголемениот процент на високообразовани граѓани на таа возраст удел има и проектот 30/35, кој МОН го спроведува седма година“, рече Ристовски.

Се работи за можноста повозрасни лица (мажи над 35 години и жени над 30 години) да се запишат и да завршат додипломски студии. Во изминатите седум години, бенефициите на овој проект ги искористиле две илјади македонски граѓани.

„Тие се запишале на некој од четирите државни универзитети што континуирано се дел од овој проект и имаат статус на вонредни студенти, плаќајќи годишен износ на кофинансирање од 200 евра во денарска противвредност. Само во оваа академска, 2016/2017 година, мерката ја искористија 130 кандидати кои аплицираа на објавениот конкурс“, истакна Ристовски.

Корисниците на овој проект во изминатите седум години се пријавувале за речиси сите струки понудени со конкурсите, но најмногу за студиските програми од техничките, природно-математичките и медицинските науки.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.