Брисел: Состанок меѓу делегациите на ЕУ и Турција
„Турција, како земја-кандидат за полноправно членство и стратешки партнер на Европската Унија, пред другата страна на состанокот ќе ги изнесе своите ставови и очекувања“, се вели во соопштението на официјална Анкара
Ankara
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција соопшти дека утре во Брисел ќе се одржи состанок меѓу делегациите на Турција и Европската Унија, каде што ќе се разговара за процесот на интеграција на Турција во Унијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека турската делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и министерот за ЕУ, Омер Челик, а делегацијата на Европската Унија ќе биде предводена од високиот комесар за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и од комесарот за проширување, Јоханес Хан.
На дневниот ред на состанокот ќе бидат темите за евроинтеграцијата, соработката во областа економија, борбата против тероризмот, миграциската криза и визната либерализација.
„Турција, како земја-кандидат за полноправно членство и стратешки партнер на Европската Унија, пред другата страна на состанокот ќе ги изнесе своите ставови и очекувања“, се вели во соопштението.
Тоа ќе биде прва средба на делегациите на Анкара и Брисел откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на маргините од мајскиот Самит на НАТО во Брисел, одржа конструктивни средби со челниците на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск. По овие средби, портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, рече дека ЕУ и Турција „мора да продолжат и ќе продолжат да соработуваат“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.