политика

Иванов именува нов директор на Агенцијата за разузнавање

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес го именуваше Зоран Иванов за нов директор на Агенцијата за разузнавање

Ivana Ramadanova  | 27.03.2017 - Обновена : 27.03.2017
Иванов именува нов директор на Агенцијата за разузнавање

Skopje
СКОПЈЕ (AА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес го именуваше Зоран Иванов за нов директор на Агенцијата за разузнавање, на местото на досегашниот директор Наќе Чулев, чиј мандат истече, соопшти кабинетот на македонскиот претседател, пренесува Anadolu Agency (AA).

Зоран Иванов досега ја извршуваше функцијата началник на военото разузнавање, во рамките на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е професионален кадар на Министерството за одбрана и активен воен персонал со борбено искуство во извршувањето на операции во земјата и во меѓународните мисии на одбраната во странство.

„По завршувањето на Воената академија во Скопје, тој е поставен на должност во баталјонот за специјални операции и е учесник во конфликтот во 2001 година. Одликуван е со медалот бронзена ѕвезда за храброст од департментот за одбрана на САД, за извршување на должноста командир на воениот контингент и за вршење специјални операции и поддршка во Ирак во 2006 година. Има завршено и магистрирано на Колеџот за команда и генералштаб во Форт Левернворт, САД, а докторирано на Институтот за националната историја на Република Македонија. Од 2009 година е началник на военото разузнавање. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување“, соопштија од кабинетот на претседателот.

Досегашниот директор Наќе Чулев, како што велат од кабинетот, продолжува да биде дел од професионалниот состав на Агенцијата за разузнавање, и во соработка со новоименуваниот директор ќе ги продолжат отпочнатите процеси за трансформација на Агенцијата за разузнавање, чија мисија е собирање податоци за информирање во одбрана на државата, заштита на националната безбедност и остварување на интересите на Македонија во странство. На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.