политика, Балкан

Иванов: Очекуваме поддршка од Албанија за членство во НАТО

Претседателот на Албанија, Илир Мета, по средбата со Иванов истакна дека односите меѓу двете земји и двата народа не се само егзистенцијални, туку и одлучувачки за заслужена европска иднина

Besar Ademi  | 20.11.2017 - Обновена : 21.11.2017
Иванов: Очекуваме поддршка од Албанија за членство во НАТО Besar Ademi/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес оствари средба со албанскиот претседател Илир Мета, кој престојува во дводневна посета на Република Македонија, јавува Аnadolu Agency (AA).

Претседателот Иванов истакна дека со својот албански колега констатирале оти е потребна соработка во балканскиот регион, поради заедничките интереси на народите во регионот.

„Во однос на НАТО, почнавме заедно, но сега Албанија е членка на НАТО, а ние сѐ уште чекаме да бидеме поканети за наше членство. Очекуваме Албанија да ја повлече Македонија да биде членка на НАТО, и да помогне во добивањето покана да станеме членка на НАТО. Во однос на Европската Унија, сето она што Македонија го има направено досега, тоа искуство ѝ стои на располагање и на Албанија при нејзиниот пат кон европските интеграции“, рече Иванов.

Иванов нагласи дека за зближување на народите и на бизнис-заедницата меѓу двете земји, пред сѐ, потребна е голема инвестиција во инфраструктурата, нешто што, според него, ќе ги зближи и ќе ги поврзе двете земји.

„Трговската размена на две такви блиски земји сѐ уште не задоволува. Оправдувањето од бизнис заедницата е поради инфраструктурата, која сѐ уште не постои меѓу нашите две земји, мислејќи на железничкото поврзување и пристапот до пристаништето во Драч, кое може да биде од голем интерес за нашите бизнисмени“, пренесе Иванов, истакнувајќи дека разговарале околу тоа како да се зголеми трговската размена меѓу двете соседни земји.

Иванов потоа додаде: „Да констатираме дека сепак она што најмногу нѐ поврзува се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија. Изразив благодарност до претседателот Мета за неговата досегашна грижа и за неговиот однос кон Македонците во Албанија, и за сите негови напори за унапредување на нивната положба“.

- Мета: Односите меѓу двата народа се одлучувачки за европска иднина -

Претседателот на Албанија, Илир Мета, по средбата со Иванов истакна дека односите меѓу двете земји и двата народа не се само егзистенцијални, туку и одлучувачки за заслужена европска иднина.

Осврнувајќи се на односите меѓу двете соседни земји, Мета нагласи дека наместо меѓусебно да се обвинуваме за прашањата во иднината, добро е да се потроши времето работејќи и поддржувајќи се меѓусебно, како и сите да имаат придобивки од оваа соработка и разбирање. Во оваа насока, тој изрази уверување дека Албанија и Македонија имаат можност да бидат пример за целата регионална соработка.

„Нема сомнеж дека тука има една исклучително позитивна улога, покрај нас, како претставници на институциите на двете наши земји, без сомнение улога имаат и Албанците во Македонија или Македонците во Албанија. Јас ќе изразам задоволство дека албанскиот фактор е јасно насочен кон стабилност и соживот, но и кон евроатлантската интеграција и европската интеграција“, рече Мета.

Мета пренесе дека се чувствува горд за македонското малцинство во Албанија, за вредностите, традициите и културата што ја чува оваа заедница, која ја нарече богатство за Албанија и еден значаен мост за разбирање и соработка со Македонија.

„Сите очекуваме Македонија да го добие местото што го заслужува во НАТО, и да забележи значителен напредок на патот за членство во Европската Унија. Во оваа насока, се надеваме и го охрабруваме дијалогот за надминување на прашањата што биле пречка досега, бидејќи Македонија членка на НАТО е успех не само за Македонија, туку и за целиот наш регион, за безбедноста на нашиот регион, во ова време на притисоци“, вели Мета.

Албанскиот претседател нагласи дека го охрабрува понатамошното поттикнување на меѓуетничкиот соживот во Македонија, и додаде дека Албанија верува оти покрај тековниот напредок по прашањето за јазиците, ќе има и добродојдена промена во сите други прашања, кои, според него, ќе служат на иднината на Македонија.

Исто така, на заедничката прес-конференција со својот македонски колега, Мета упати благодарност до Македонија поради признавањето на Косово, кое, како што истакна, не била лесна одлука, но е многу значајна и неопходна за зајакнување на регионалната соработка и безбедност.

Албанскиот претседател во текот на денешниот и утрешниот ден престојува во официјална посета во Македонија. Тој беше пречекан со високи воени и државни почести во претседателската резиденција во Скопје, каде што се одржа тет-а-тет средба меѓу претседателите, како и меѓуделегециска средба.

Претседателот Мета во попладневите часови се сретна со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.