политика

Макрон фаворит во вториот круг на претседателските избори во Франција

Макрон, кој со движењето „En Marche“ за една година во Франција привлече големо внимание, во првиот круг освои 24,01 отсто од гласовите, а веќе доби и поддршка од мнозинството од претседателските кандидати елиминирани во првиот круг

Murat Ünlü  | 25.04.2017 - Обновена : 25.04.2017
Макрон фаворит во вториот круг на претседателските избори во Франција

Paris

ПАРИЗ (АА) - Според последните резултати од истражувањето на јавното мислење, лидерот на движењето „En Marche“ (Напред), Емануел Макрон, се смета за голем фаворит во вториот круг на претседателските избори во Франција, јавува Anadolu Agency (AA).

Во првиот круг од претседателските избори во Франција, во неделата, учествуваа вкупно 11 кандидати, а Макрон и лидерката на радикално-десничарската партија Национален фронт, Марин Ле Пен, како победници од првиот круг, веќе ја започнаа кампањата за вториот круг на изборите за нов шеф на државата, кои ќе бидат одржани на 7 мај.

Макрон, кој со движењето „En Marche“ (Напред) за една година во Франција привлече големо внимание, во првиот круг освои 24,01 отсто од гласовите, а веќе доби и поддршка од мнозинството од претседателските кандидати елиминирани во првиот круг.

Најзначајната поддршка за Макрон стигна од две најсилни политички опции, Републиканската партија и Социјалистичка партија, чии кандидати Франсоа Фијон и Беноа Амон ја завршија изборната трка во првиот круг, со освоени 20,01, односно 6,36 отсто од гласовите.

Макрон за вториот круг го поддржаа и поранешните партиски другари и челници на владејачката Социјалистичка партија, односно претседателот во заминување Франсоа Оланд, премиерот Бернард Казанев и поранешниот премиер Мануел Валс.

Паралелно со тоа, муслиманската и еврејската заедница во Франција исто така ги повикаа гласачите да гласаат за Макрон, а не за Ле Пен, која е позната по популистичката реторика насочена против тие две малцински популации во земјата.

Од друга страна, аналитичарите сметаат дека Ле Пен би можела да го привлече гласачкото тело на конзервативците и евроскептиците на Никола Дупон-Ењан, кој во првиот круг доби 4,7 отсто од гласовите.

Останува енигмата за кого ќе гласаат 19,58 отсто од гласачите што во првиот круг го дадоа гласот за претставникот на радикалната левица, Жан-Лук Меленшон, кој изјави дека во вториот круг нема да поддржи ниту еден кандидат.

Ле Пен вчера најави дека ќе поднесе оставка на позицијата претседателка на партијата Национален фронт, а аналитичарите тврдат дека тоа е потег со кој најпознатата политичарка на Франција сака да добие доверба од конзервативците и од радикалната левица.

Агенцијата Ipsos/Sopra Steria (Ипсос сопра стериа) спроведе анкетно истражување според коешто во вториот круг на трката за претседател на Франција, Макрон би требало да освои 64, а Ле Пен 36 отсто од гласовите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın