политика

Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов на форум во Египет

Иванов од денеска до понеделник е во работна посета на Арапската Република Египет, каде што учествува на Форум на високо ниво во организација на Александриската библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, што се одржува во Каиро

Admir Fazlagic  | 14.01.2017 - Обновена : 15.01.2017
Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов на форум во Египет

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот Ѓорге Иванов од денеска до понеделник е во работна посета на Арапската Република Египет, каде што учествува на Форум на високо ниво во организација на Александриската библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, што се одржува во Каиро, соопшти Кабинетот на Претседателот, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот на Македонија, Иванов имаше свое обраќање на воведната сесија на форумот насловена „Демократска безбедност во време на екстремизам и насилство“.

На форумот учествуваат личности од општествениот и политичкиот живот, поранешни претседатели на држави, премиери и министри.

Меѓу останатите теми на форумот се: „Тероризмот и уставот – рамка за акција“, „Тековни перспективи: мнозински муслимански држави“, „Тековни перспективи: западни држави“, „Меѓурелигиски дијалог – случај Египет“и други.

Учеството на македонскиот претседател на овие состаноци, според соопштението од неговиот кабинет е резултат на одличната соработка со Александриската библиотека и со Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Претходно, претседателот Иванов има учествувано на состаноците во Баку, Софија и во Рим.

За време на работната посета на Арапската Република Египет, како што соопштуваат од кабинетот, предвидено е претседателот Иванов да оствaри средба со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.