свет

„САД веќе се партнер на окупацијата“

„САД беа посредник во мировните преговори, а сега станаа партнер во политиките на наметнување и јудеизација“

Eshat Fırat  | 12.12.2017 - Обновена : 13.12.2017
„САД веќе се партнер на окупацијата“

Quds

КУДС (АА) - ЕСАТ ФИРАТ - Хатим Абдулкадир, член на централниот совет, а воедно и одговорен за досието за Кудс на движењето Фатах, истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) со нивната одлука за признавање на Кудс како главен град на Израел, станаа партнер на окупацијата во Палестина.

Абдулкадир во изјава за Anadolu Agency (AA) зборуваше околу одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, која привлече големо внимание во светот.

„САД беа посредник во мировните преговори, а сега станаа партнер во политиките на наметнување и јудеизација“, рече Абдулкадир кој претходно бил вработен во Министерството за прашања околу Кудс во администрацијата на Палестина.

Абдулкадир нагласи дека одлуката на Трамп ќе ја поттикне окупаторската политика на Израел, и додаде дека оваа одлука е опасна бидејќи ќе овозможи да се зајакне и да продолжи окупацијата на Израел во Кудс, како и политиките во еврејските населени места.

„Израел откажа повеќе проекти за еврејските населби под притисок на поранешниот претседател на САД, Барак Обама. Израел, со одлуката на Трамп, ќе ги реализира овие проекти“, вели Абдулкадир.

- „Иднината на Кудс ја определуваат само жителите на Кудс и Палестинците“ -

„Со нашите демонстрации, кои продолжуваат од средата до денес, имаме за цел да ја испратиме оваа порака до админситрацијата на САД: 'Иднината на Кудс не може да биде заложник на одлуките на Трамп'. Иднината на Кудс ја определуваат само жителите на Кудс и Палестинците“, истакна Абдулкадир во врска со демонстрациите кои продолжуваат, против одлуката на администрацијата на САД, организирани на териториите на Палестина која е под окупација.

Абдулкадир вели дека Палестинците ќе продолжат да се борат за своите територии, но, како што рече тој, на теренот може да се случи промена само со ставот на арапскиот исламскиот свет против Израел.

„Палестинците во градот веќе не можат сами да се справат со сите напади на Израел во Кудс, како и со политиките за јудеизација. Ние се обидуваме да се бориме против најмоќната држава во регионот. Се обидуваме да ѝ се спротивставиме на оваа окупаторска сила, не ги прифаќаме нивните политики. Но, ние веќе очекуваме арапскиот и исламскиот свет да ја покажат својата реакција“, рече тој.

„Оваа одлука не му дава права на Израел во Кудс. Не му дава ниту историски, ниту политички, ниту пак верски права. Израелската реторика за 3.000-годишна историја во Кудс е заблуда. Ова не им дава права во Кудс. Ова е окупација и секако дека ќе се уништи“, вели Абдулкадир во својата реакција против тврдењата на Израел за права во Кудс.

- „Веќе не се можни мировни преговори“ -

Абдулкадир, одговорен за досието за Кудс на движењето Фатах, истакна дека одлуката на Трамп ги уништила напорите за повторно започнување на мировните преговори.

„Мировните преговори со Израел веќе не се можни. Затоа, администрацијата на Палестина треба да го разгледа договорот од Осло, како и да развие нови стратегии втемелени на народниот отпор. Треба да се определат границите на несогласувањето со Израел во рамките на условите и настаните како резултат на одлуката на Трамп“, додаде Абдулкадир.

Абдулкадир истакна дека Кудс е главен град на Палестина.

„Што и да направи Израел во Кудс, ова место ќе остане на Арапите и муслиманите, и е главен град на Палестина. Колку и да трае окупацијата, таа ќе се уништи“, изјави тој.

- „Народот на Турција покажа чесен став за Кудс“ -

Абдулкадир укажа на ставот на турската држава и народ за Кудс.

„Ние го цениме ставот на Турција. Според нас, турскиот народ, пред сѐ, претседателот Реџеп Таип Ердоган, покажа чесен став за Кудс. Тоа е чесен став што ги остава зад себе целиот арапски и исламски свет“, додаде во изјава за АА Хатим Абдулкадир, член на Централниот совет, а воедно и одговорен за досието за Кудс на движењето Фатах.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın