свет

Дваесет и шест лица убиени во напад во Египет

Дваесет и шест лица се убиени и голем број се повредени денес, кога неидентификувани напаѓачи отворија оган врз автобус во кој се превезуваа коптски христијани во египетската покраина Миња, се вели од Министерството за внатрешни работи на Египет

Mahmoud Barakat  | 26.05.2017 - Обновена : 26.05.2017
Дваесет и шест лица убиени во напад во Египет

Kairo

КАИРО (АА) - Дваесет и шест лица се убиени и голем број се повредени денес, кога неидентификувани напаѓачи отворија оган врз автобус во кој се превезуваа коптски христијани во египетската покраина Миња, се вели од Министерството за внатрешни работи на Египет, јавува Anadolu Agency (AA).

„Неидентификувани напаѓачи во три теренски возила отворија оган врз автобус, убивајќи голем број коптски христијани“, се вели во соопштението.

„Безбедносните сили се упатија кон местото на нападот, кој се случи на патот кон манастирот Св.Самуел, западно од градот Aл-Адва“, се додава во соопштението.

Според истото соопштение, во нападот се убиени вкупно 26 лица.

Во меѓувреме, претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, свика итен состанок на неговиот Совет за безбедност, за кооординација околу справувањето со инцидентот, се вели во соопштението издадено од кабинетот на претседателот.

Во врска со смртоносниот напад, кој се случи околу пладне по локално време, локален безбедносен извор за АА потврди дека инцидентот се случил на пустинскиот пат што ги поврзува Миња со покраината Бени Суеф.

Истиот извор, кој зборуваше под услов да остане анонимен, изјави дека автобусот патувал од Бени Суеф до манастирот, лоциран 220 километри јужно од Каиро.

Тој ги пренесе тврдењата на очевидците дека напаѓачите отвориле оган од три возила пред да го напуштат местото на инцидентот.

Во април, Ал-Сиси прогласи тримесечна вонредна состојба по двојниот напад што се случи на двете цркви во северен Египет, при што загинаа 45 коптски христијански верници, а голем број беа повредени.

Терористичката група ДЕАШ подоцна презеде одоворност за нападите, кои се случија на христијанскиот празник Цветници.

Вонредната состојба им дозволи на властите да преземат исклучително строги мерки на безбедност, вклучувајќи предавање на осомничените за тероризам на судовите за државна безбедност, воведување полициски час и конфискација на весници.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.