свет

Директорот на „Al Jazeera“ за АА: Ќе продолжиме со нашата мисија за објективно новинарство

„Слободните медиуми се столб на едно плуралистичко и демократско општество, тие се столбот на една здрава заедница. Ние ќе ја продолжиме својата новинарска мисија на објективно известување“

Ali H. M.Abo Rezeg  | 28.06.2017 - Обновена : 29.06.2017
Директорот на „Al Jazeera“ за АА: Ќе продолжиме со нашата мисија за објективно новинарство Ahmed Youssef Elsayed Abdelrehim/AA

Doha

ДОХА (АА) - Еден од челниците на телевизиската мрежа „Al Jazeera“ (Ал Џезира), Жил Трендл, порача дека оваа медиумска куќа одлучно ќе продолжи да работи, со храбро и веродостојно новинарство какво што и досега негувала, јавува Anadolu Agency (AA).

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Египет и Јемен на 5 јуни ги прекинаа односите и ги блокираа границите кон соседен Катар, обвинувајќи го за наводна поддршка на тероризмот. Катарските власти ги негираат обвинувањата и ги оценуваат за неосновани тврдењата кои се само изговор за блокада на Катар, а во саботата соопштија дека добиле листа на барања за завршување на блокадата.

Според известувањата на медиумите, едно од вкупно 13-те барања е и затворањето на телевизиската мрежа „Al Jazeera“, чие седиште е во Доха. Директорот на каналот „Al Jazeera English“ Жил Трендл, во интервју за АА истакна дека оваа медиумска куќа е посветена на својата уредувачка мисија и е решена да продолжи објективно и искрено да известува од целиот свет.

На прашањето на новинарот на АА да го прокоментира фактот што „Al Jazeera“ е под голем притисок од 2011 година и дека нејзините новинари се апсени, ранувани, а порталите блокирани, а во исто време непречено работат телевизиите како „Al-Arabiya“ (Ал Арабија) или „Sky News Arabiya“ (Скај њуз Арабија), Трендл истакна дека „Al Jazeera“ се соочувала со притисоци од многу порано, и дека причината за тоа е стравот на одредени режими во регионот од медиумската куќа којашто стана гласот на народот за време на т.н. Арапска пролет, кога новите генерации на улиците ги покажаа своите надежи и соништа.

„'Al Jazeera' во текот на таа 2011 година објективно известуваше само за тоа што се случуваше на улиците, а никого на ништо не поттикнувала, и тука е клучната разлика меѓу вистината и тврдењата на одредени кругови дека нашата куќа ги поттикнува луѓето да не ги слушаат властите. Настаните или револуциите, или побуните, беа спонтани настани, а ние ги покривавме овие настани. Не ги предводевме, ниту ги поттикнувавме“, истакна Трендл.

Нагласувајќи дека уредувачката политика на „Al Jazeerа“ е да известува објективно, точно и сеопфатно, Трендл кажа дека многумина ја обвинувале таа медиумска куќа за поддршка на ДЕАШ, Ал Каеда, Хезболах, Хамас, Муслиманското братство, Израел, Америка, и кој знае уште кого.

„Би морал да бидам волшебник за да ги поддржувам сите тие страни во исто време. Можам само да кажам дека сите наши содржини се достапни на интернет и дека секој може да ги погледне или да ја следи нашата телевизија и сам да пресуди. Па, ајде, некој нека најде во нашите извештаи или програми дека поддржуваме некого. Овие обвинувања се црвени харинги, а не и втемелени критики“, рече Трандл.

Во земјите што го блокираа Катар, канцелариите на „Al Jazeerа“ се затворени или на новинарите им е кажано да заминат. На прашањето дали тоа едноставно е реакција на тие земји на регионалната политика на Катар, или пак обид за замолчување на „Al Jazeerа“, Трендл изјави дека оваа телевизиска мрежа во арапските земји и во минатото се соочувала со затворање на нејзините канцеларии, но оти ова е сосема ново искуство и за таа медиумска куќа.

„Нашата канцеларија во Саудиска Арабија е затворена, затворена е и нашата канцеларија во Јордан, нашиот сигнал е блокиран, како и порталите... Ова се драконски, мошне остри мерки, како што вели Џорџ Орвел. Ова се тешки и автократски мерки“, рече Трендл.

Истакнувајќи дека барањето за затворање на „Al Jazeerа“ е обид за потиснување на медиумите и слободата на говорот, Трандл нагласи дека остро ги осудува острите мерки кон таа куќа, кои се неоправдани.

„Ги повикуваме сите влади да го почитуваат Законот за слободно новинарство и да им дозволат на новинарите да ја работат својата работа. Ние сме посветени да ја продолжиме нашата мисија... Кризата би им ја препуштил на политичарите да ја решат, а што се однесува до 'Al Jazeerа', ние одиме понатаму бидејќи сме убедени дека никој нема право да ја загрозува слободата на изразување и мислење. Ниту една држава нема право да ѝ наредува на друга да затвори одредени медиуми. Тоа би било како пример Германија сега да бара од Велика Британија да ја затвори 'BBC' (Би-би-си) или пак Европската Унија да побара од Турција затворање на Anadolu Agency“, истакна Трендл.

Тој изјави дека Заливот е чувствителен регион и оти актуелната криза е чувствителна, и бара големо разбирање и мудрост со цел да се решат проблемите. Како позитивен пример ги наведе ставовите на Турција, а како негативни ставовите на САД, чиј претседател и шеф на дипломатијата даваа контрадикторни изјави во врска со кризата во Заливот.

Тој додаде дека од Катар не се бара само затворање на „Al Jazeerа“, туку и на други медиуми, како порталите „Arabi al-Jadeed“, „Arabi 21“, „Rassd“ и „Middle East Eye“.

„Слободните медиуми се столб на едно плуралистичко и демократско општество, тие се столбот на една здрава заедница. Ние ќе ја продолжиме својата новинарска мисија на објективно известување и ќе им поставуваме тешки прашања на центрите на моќта. Не можеме да се откажеме од тоа само затоа што одредена влада го сака тоа“, заклучи Трендл.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın