свет

Илјадници Французи на протестите во Париз: Алепо умира пред нашите очи

Демонстрантите се собраа на плоштадот „Игор Стравински“, именуван според познатиот руски композитор, симболично, во знак на протест против руската улога во убивањето на цивилите во Алепо и разорувањето на градот

Hajer M'tırı  | 15.12.2016 - Обновена : 16.12.2016
Илјадници Французи на протестите во Париз: Алепо умира пред нашите очи

Pariz

ПАРИЗ (АА) - Илјадници демонстранти се собраа синоќа во Париз барајќи итен прекин на огнот и хуманитарна интервенција во сирискиот град Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).

Тоа беше најголемо собирање во Франција од почетокот на војната во Сирија, пред шест години, тврди Амнести интернешнл, една од светските невладини организации која ја започна кампањата #StandWithAleppo (Да бидеме со Алепо).

Демонстрантите се собраа на плоштадот „Игор Стравински“, именуван според познатиот руски композитор, симболично, во знак на протест против руската улога во убивањето на цивилите во Алепо и разорувањето на градот.

Тие беа облечени во црвено, носеа црвени транспаренти и лицата им беа обоени во истата боја, како потсетник на крвта што се пролева во Сирија. Од свеќите што беа запалени беше испишано: Алепо.

На поголемиот дел од транспарентитте пишуваше: „Асад, Путин, ДЕАШ, САД, Рухани: Виновни“ и „Спречете го убивањето, спасете го Алепо, спасете го човештвото“, а демонстрантите исто така извикуваа: „Сирија нема да биде поразена“, „Сирија ќе живее“ и „Башар, Путин вие сте терористи“.

„Цивилното население не е рамнодушно на она што се случува на другиот крај од светот. Мораме да ја покажеме нашата поддршка и да бараме да се заштитат цивилите во Сирија“, изјави Сесил Кудриу, потпретседателката на францускиот Амнести интернешнал.

Наха, Сиријка што живее во Париз, за АА изјави дека меѓународната заедница немо ги набљудува крвавите случувања во Сирија.

„Ситуацијата во Сирија, особено во Алепо е катастрофална. Луѓето се заробени, не можат да се движат, ја чекаат на смртта и никој не прави ништо за да помогне. Тие луѓе се човечки суштества, треба да им помогнеме“, изјави Наха која не сакаше да го открие своето презиме за да го заштити семејството кое е во Сирија.

Францускиот писател и академик Рафаел Глуксман исто така се придружи на протестот.

„Алепо умира пред нашите очи. Сведочиме на истребувањето на целата популација, во живо. На социјалните мрежи и по медиумите гледаме дека луѓето молат за помош. Алепо умира исто онака како што умираа Сребреница и Грозни. Тоа е иста, таканаречена чеченска метода што ја наметнува Путин“, изјави Глуксман.

Францускиот писател истакна дека собирите на луѓето во светот кои даваат поддршка на Алепо укажуваат дека конечно се гледа обемот на трагедијата што се случува во Сирија и во Алепо.

„Тоа е добро. Се гледа дека станува збор за човештвото, а не за политиката. Се случува геноцид. Време е да излеземе на улиците, нашиот глас да се слушне, да извршиме притисок на оние што донесуваат одлуки и да го спречиме лудилото на Путин“, порача Глуксман.

Во знак на поддршка и солидарност со народот кој е под опсада на силите на сирискиот режим во Алепо, синоќа беа изгаснати светилките на Ајфеловата кула, симболот на Париз.

„Овој симболичен чин на споменикот што е познат низ целиот свет има за цел да ја принуди меѓународната заедница да реагира итно“, нагласи градоначалничката на Париз, Ан Идалго.

Таа истакна дека два камиона со медицинска и хуманитарна помош денес треба да стигнат во Алепо.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.