свет

ИОМ: Бројот на аракански муслимани кои се засолнија во Бангладеш достигна 421.000

„Многу од новите бегалци, кои пешачеле со денови низ џунглата во услови на високи температури и интензивни монсунски дождови, веќе се болни и прегладнети...“

Fatih Erel  | 19.09.2017 - Обновена : 20.09.2017
ИОМ: Бројот на аракански муслимани кои се засолнија во Бангладеш достигна 421.000

Geneve

ЖЕНЕВА (АА) - Околу 421.000 Рохинџа муслимани пребегаа од Мјанмар во Бангладеш од 25 август, објавија денес ОН, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Многу од новите бегалци, кои пешачеле со денови низ џунглата во услови на високи температури и интензивни монсунски дождови, веќе се болни и прегладнети кога ќе стигнат до населените места во Кокс Базар, Бангладеш“, изјави Џоел Милман, портпарол на Меѓународната агенција за миграција при ОН (ИОМ) на денешната прес-конференција во ОН, во Женева.

„Над 170.000 новодојдени Рохинџа бегалци не добиле примарна здравствена заштита“, додаде Милман.

Дунија Аслам Кан, портпарол на агенцијата за бегалци при ОН, УНХЦР, исто така, рече: „Властите во Бангладеш веќе почнаа со биометриска регистрација на новите пристигнувања, регистрирајќи околу 1.000 луѓе дневно само во Кутупалонг, Укија, на југоистокот од земјата“.

Бегалците бегаат од новите безбедносни операции во кои безбедносните сили и будистичките банди убиваат мажи, жени и деца, ограбувајќи ги домовите и палејќи ги селата на Рохинџа муслиманите во Аракан, Мјанмар. Според Бангладеш, околу 3.000 Рохинџа муслимани се убиени во операциите.

Светската здравствена организација во саботата започна итна програма за имунизација, за вакцинирање на 150.000 новопристигнати деца.

Турција е предводник во обезбедувањето помош за бегалците Рохинџа, а претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека ова прашање ќе го отвори во ОН.

Рохинџа муслиманите, кои според ОН се најпрогонуваното етничко малцинство во светот, стравуваат од напади, по убивањето на десетици лица во насилствата во 2012 година.

Минатиот октомври, како резултат на нападите на пограничните пунктови во Аракан, безбедносните сили започнаа петмесечни операции во кои беа убиени околу 400 Рохинџа муслимани.

ОН документираа масовни силувања, убиства – вклучувајќи и убиства на бебињата и мали деца – брутално претепување и исчезнувања извршени од страна на безбедносните сили.

Во извештајот, истражувачите на ОН рекоа дека таквите насилства претставуваат злосторства против човештвото.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.