свет

Колумбија: Организацијата ФАРК по 50 години борба го предаде оружјето

На 26 локалитети во земјата беа формирани центри каде што милитантите на ФАРК го предаваа оружјето, кое потоа беше запечатено во контејнери и јавно ќе биде уништено на 1. август

Lokman İlhan  | 28.06.2017 - Обновена : 29.06.2017
Колумбија: Организацијата ФАРК по 50 години борба го предаде оружјето Фото: Претседателство на Колумбија/Handout

Meseta

МЕСЕТА (АА) - Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, заедно со шефот на мисијата на ОН за Колумбија, Жан Арно, лидерот на ФАРК Родриго Лондоно, странски гости, министри и стотици милитанти на ФАРК се собраа во руралниот дел на Ла Гуахира, во областа Месета, на церемонија по повод историскиот момент на прекин на оружените дејствија на организацијата ФАРК во Колумбија, кои траат речиси половина век, јавува Anadolu Agency (AA).

На 26 локалитети во земјата беа формирани центри каде што милитантите на ФАРК го предаваа оружјето, кое потоа беше запечатено во контејнери под надзор на свештени лица, а тоа јавно ќе биде уништено на 1. август.

Милитантите на ФАРК носеа бели маички на кои беше испишано: „Зборот ќе биде нашето единствено оружје“, а гостите првенствено ги поздрави Жан Арно.

Арно се обрати со зборовите: „Изградбата на мирот во Колумбија истовремено претставува надеж и моќен пример за меѓународната заедница“, и додаде дека на ОН ѝ се предадени 7.132 парчиња оружје.

По Арно, на бината застана Лондоно, лидерот на ФАРК, кој упати повик до владата да го одржи ветувањето и да престане да ги напаѓа локалните лидери на организацијата. Лидерот на ФАРК изјави дека милитантите на организацијата отсега ќе бидат милитанти на демократската борба, повторувајќи го даденото ветување дека веќе нема да користат оружје.

Претседателот на Колумбија, Сантос, го привлече вниманието кон овој историски момент со зборовите: „Денес вреди што сум претседател на Колумбија“.

Сантос рече дека има уште пат што треба да се изоди, истакнувајќи дека владата ќе ги одржи сите дадени ветувања и дека истото го очекуваат и од ФАРК.

Претседателот Сантос нагласи дека мирот во Колумбија е вистински и додаде дека и покрај тоа што не ги прифаќа идеите што ги брани ФАРК, останувајќи во демократски рамки, до крај ќе го поддржи нивното изразување без спроведување на насилство.

Претседателот Сантос своето обраќање го заврши со зборовите: „Не треба да ја испуштиме оваа можност. Ние сме една нација, ние сме еден народ. Нека живее мирот“.

По концертот со локална музика, кој на гостите на церемонијата им го приреди музичка група составена од милитанти на ФАРК, претседателот Сантос на лидерот на ФАРК му подари статуета на автоматска пушка претворена во лопата, која претходно му беше подарена на колумбискиот претседател, а за првпат беше претставена на церемонијата за доделување на Нобеловата награда за мир.

Во оваа латиноамериканска држава, која има 48 милиони жители, половина век се водеа судири во коишто околу 260.000 лица ги загубија своите животи, а повеќе од 6 милиони лица беа раселени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.