свет

Матис: Војна со Северна Кореја би била катастрофална

Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, изјави дека би било катастрофално кога тензиите со Северна Кореја би прераснале во војна

Emre Aytekin  | 29.05.2017 - Обновена : 30.05.2017
Матис: Војна со Северна Кореја би била катастрофална

Ankara

АНКАРА (АА) - Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, изјави дека би било катастрофално кога тензиите со Северна Кореја би прераснале во војна, пренесува Anadolu Agency (AA).

Матис во интервју за телевизиската мрежа CBS (Си-би-ес) потсети на нуклеарните и на балистичките тестови што Северна Кореја ги изврши, како и на реакцијата на меѓународната заедница.

„Конфликтот со Северна Кореја најверојатно би бил најлошиот вид на конфликт во животите на многу луѓе“, смета Матис.

Тој рече дека режимот на Северна Кореја располага со стотици артилериски и ракетни проектили и дека би било катастрофално ако проблемот не може да се реши преку дипломатски канали и прерасне во војна.

Матис предупреди дека Северна Кореја не ја загрозува само Јужна Кореја, туку исто така и Јапонија, Кина, Русија и САД.

„Нивната реторика и намерите се многу јасни. Не треба да се чекаме да имаат интерконтинентални проектили со нуклеарно полнење за да кажеме дека заканата е утврдена“, рече Матис.

Тој додаде дека САД ја смета Северна Кореја за директна закана.

„Моментално, не сакам многу да зборувам, затоа што знаеме некои работи кои ни самите Севернокорејци не ги знаат“, рече Матис.

Неколку часа по изјавата на Матис, Пјонгјанг имаше ново тестирање на проектили.

Генералштабот на армијата на Јужна Кореја соопшти дека севернокорејските сили утрово во 5.39 часот по локално време, од регионот Вонсан лансираа балистички проектил со краток дострел, најверојатно од типот „Scud“ (скад), кој летал 450 километри и паднал во водите на соседна Јапонија.

Ова е трето тестирање на балистички проектили што Северна Кореја го изврши во текот на изминатите три недели, а вкупно деветто од почетокот на годината. Севернокорејската армија на 21 мај тестираше проектили со среден дострел од типот Pukguksong 2 (Пукгуксонг 2).


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.