свет

ОБСЕ го осуди инцидентот во Собранието на Македонија

Тоа беше чин на застрашување и напад врз претставниците на граѓаните, кој јас недвосмислено го осудувам. Редот и мирот мора веднаш да се воспостават. Ги повикувам сите страни да се воздржат од натамошно ескалирање на насилството, истакна Курц

Admir Fazlagic  | 28.04.2017 - Обновена : 29.04.2017
ОБСЕ го осуди инцидентот во Собранието на Македонија

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, кој е актуелен претседавач со ОБСЕ, и генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, издадоа заедничко соопштение во кое го осудија синоќешниот инцидент во Собранието на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението се вели дека насилството не може да биде замена за политички решенија и дека одлуките мора да се носат согласно демократските процеси и на одговорен начин.

„Шокантни се нападите врз неколку членови на Собранието и упадот во зградата на Собранието, кое е срцето на демократијата на земјата. Тоа беше чин на застрашување и напад врз претставниците на граѓаните, кој јас недвосмислено го осудувам. Редот и мирот мора веднаш да се воспостават. Ги повикувам сите страни да се воздржат од натамошно ескалирање на насилството", истакнува министерот Курц.

Заниер додава дека органите на редот мора да ја обезбедат сигурноста на сите пратеници и да се погрижат извршителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Курц и Заниер заедно ги повикуваат политичките партии да го продолжат својот дијалог во Собранието и да ги почитуваат демократските процеси и исходот од изборите во декември.

Министерство за внатрешни работи информираше дека безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Според соопштението на МВР, во вечерашните инциденти пред и во Собранието, повредени се 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници.

Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.