свет

Страдањата на араканските муслимани низ очите на децата

„Кога татко ми беше застрелан од страна на армијата, побегнав со мајка ми, но ја изгубив на границата“

Safvan Allahverdi  | 20.09.2017 - Обновена : 21.09.2017
Страдањата на араканските муслимани низ очите на децата

Cox's Bazar

КОКС БАЗАР (АА) - Сафван Алаверди/Дилдар Бајкан - Деновите на Садам Хусеин беа исполнети со љубовта на неговите родители и со нивното внимание. Учеше во исламско училиште во Мјанмар. Имаше многу соученици и другарчиња. Но, тогаш, големата несреќа промени сè.

Садам (10) за Anadolu Agency (АА) кажа дека неговиот татко бил застрелан од војската на Мјанмар.

„Кога татко ми беше застрелан од страна на армијата, побегнав со мајка ми, но ја изгубив на границата“, рече тој.

Тој ја преминал границата со другите Рохинџа муслимани кои бегаа во соседен Бангладеш - еден од 421.000 Рохинџа муслимани кои преминаа од западната мјанмарска држава Аракан (Ракин) во Бангладеш од 25 август.

Тој сега живее во кампот за бегалци Најапара.

Садам сведочеше за ужасните на војската која, покрај другото, фрлала факели врз куќите за да ги запали до темел.

„Human Rights Watch“ (Хјуман Рајтс Воч) објави дека според сателитските снимки, во текот на минатиот месец уништени се 214 села во Аракан.

Садам сѐ уште е во шок од претрпените големи трауми.

Тој сé уште не сфатил дека се случува нешто многу сериозно. Она што тој го забележува е дека живее со многумина Рохинџа муслимани во многу мала соба.

Бегалците бегаат од новите операции на безбедносните сили во кои тие заедно со будистичките банди убиваат мажи, жени и деца, ги ограбуваат домовите и ги палат селата на Рохинџа муслиманите.

Според министерот за надворешни работи на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд Али, во операциите убиени се околу 3.000 Рохинџа муслимани.

Рохинџа муслиманите, според ОН, се најпрогонуваното етничко малцинство во светот. 

- Уништени и разделени фамилии -

Минатиот октомври, по нападите врз пограничните пунктови во областа Мангдау во Аракан, безбедносните сили започнаа петмесечна операција во која, според групите на Рохинџа муслиманите, убиени се околу 400 лица.

ОН документираа масовни силувања, убиства - вклучувајќи и убиства на бебиња и мали деца, потоа брутални претепувања и исчезнувања извршени од страна на безбедносните сили. Истражителите велат дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.

Карим Улах (10) е најстар од групата браќа и сестри кои избегаа од Мјанмар.

Неговата сестра Аџида и братот Садик, и двајцата на возраст од осум години, ја напуштија земјата заедно со својата баба Саида Катун (70), и сега престојуваат во училиште во кампот Најапара.

Карим Улах вели дека откако е застрелан неговиот татко, а мајка му однесена, групата деца се сокрила во џунглата заедно со нивната баба.

Тој рече дека на патот кон Бангладеш изгубил еден од своите браќа и само тие пристигнале во кампот вчера.

Неговата баба не знае што ќе се случи со нејзините внуци, а децата допрва треба да сфатат дека нивните животи влегуваат во период на длабока несигурност.

Наим Улах (8) има двајца браќа и три сестри. До неодамна тие живееја во Шилкали, Мјанмар, и учеа во локалното исламско училиште.

Заедно со нивната мајка избегале од насилните операции во Мјанмар. Засега, тие се наоѓаат во кампот Кутупалан во Бангладеш. Неговиот татко Бадша Миа, рибар, сѐ уште е во Мјанмар. Бабата на Наим, 75-годишната Кулсум Катун, избега од Мјанмар заедно со нив, но поради поради ужасите што таа ги видела, одвоена од нејзиниот син и суровоста на патувањето кон Бангладеш, починала пред два дена.

- Трауматични злосторства -

УНИЦЕФ вели дека 60 отсто од Рохинџа бегалците се деца. Околу 1.200 избегале сами без ниеден член од семејството. Агенцијата соопшти дека на овие деца им е потребна помош во износ од 7,3 милиони долари во текот на следните три месеци со цел да се обезбедат здравествени услови за нив.

Рохинџа бегалците кои се засолнија во Бангладеш ја поздравија големата хуманитарна помош од страна на Турција.

„Ние, тука во камповите гледаме многу луѓе од Турција“, изјави за AА Мухамед Нур, бегалец од Аракан. „Откако стигнавме овде тие постојано ни носат храна и други работи што ни се потребни“.

Турција предводи во обезбедувањето помош за Рохинџа бегалците, а претседателот Реџеп Таип Ердоган го промовира ова прашање пред Генералното собрание на ОН оваа недела.

Нур рече дека тој и неговото семејство немале доволно време да ги соберат своите работи пред да побегнат, оставајќи ги без основните потреби за домаќинство, како што се садови за готвење, подлоги и ќебиња.

Турските хуманитарни агенции како Црвената полумесечина, Агенцијата за катастрофи и вонредни состојби, хуманитарната фондација ИХХ и Садака Таши дистрибуираат пакети со помош кои содржат храна, облека, основни потребштини за кујна, хигиенски производи во камповите.

„Овие луѓе се пресреќни кога ќе не видат нас и нашите хуманитарни организации, бидејќи тука нема многу други организации“, рече регионалниот координатор на ИХХ, Мустафа Демир.

„Сега е полесно за нас како хуманитарни организации да пристапиме во регионот и да обезбедиме секаков вид помош за Рохинџа муслиманите, откако претседателот Ердоган побара од владата на Бангладеш да ни даде полесен пристап“, рече тој.

Мерјем Адхикари, 46-годишна жена која живее во Кутупалонг, втор по големина бегалски камп долж границата на Бангладеш, рече дека не мора да се „бори“ за помош поради организираното и структурирано делење на помошта од страна на турските агенции.

„Не морам да се 'борам' со другите за да добијам пакет со помош, бидејќи тие го организираат делењето на храната и се многу љубезни кон нас“, изјави таа за AА.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.