свет

Трамп со нова стратегија за Авганистан

„Основниот столб на нашата нова стратегија е промената од пристапот базиран на одредена временска рамка, кон еден пристап базиран на условите“

Michael Hernandez  | 22.08.2017 - Обновена : 22.08.2017
Трамп со нова стратегија за Авганистан

Washington

ВАШИНГТОН (АП) - Претседателот Доналд Трамп објави дека САД нема да се држат до каков било распоред за ставање крај на своето воено присуство во Авганистан, каде што се присутни веќе скоро две децении, пренесува Аnadolu Agency (AA).

„Основниот столб на нашата нова стратегија е промената од пристапот базиран на одредена временска рамка, кон еден пристап базиран на условите“, рече Трамп за време на телевизиско обраќање од салата Миер-Хендерсон, недалеку од Вашингтон.

„Ние нема да дискутираме за бројот на трупите, ниту за нашите планови за понатамошната воена активност. Отсега, нашата стратегија ќе ја диктираат условите на теренот, а не произволните временски рамки“, додаде тој.

САД има околу 8.400 војници во земјата (Авганистан), а коментарите на Трамп јасно ставија до знаење дека нема индикации за идни промени кај американските сили.

Но, американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, наговести во соопштение објавено кратко откако Трамп ги даде своите коментари, дека САД ќе ги зајакне своите сили заедно со своите сојузници.

„Ќе бидам во консултации со генералниот секретар на НАТО и со нашите сојузници, од кои некои се обврзаа да го зголемат бројот на трупите. Заедно, ќе им помогнеме на авганистанските безбедносни сили да го уништат упориштето на терористите“, истакна тој.

Околу 5.000 други странски воени трупи се наоѓаат во Авганистан, но сите се посветени исклучиво на програмата за зајакнување на авганистанските сили. САД имаа најмногу околу 100.000 трупи во Авганистан.

Трамп во петокот, во Камп Дејвид, се сретна со највисоките советници со цел да разговара за иднината на американското 16-годишно присуство во јужноазиската земја.

Командантот на американските сили во Авганистан, генерал Џон В. Николсон, се залагаше кај Трамп за зголемување на бројот на американските трупи за околу 4.000 војници.

Трамп истакна дека САД ќе ја продолжат соработката со Кабул „сé додека се гледа решителност и напредок“, но предупреди дека поддршката на САД „не е бланко чек“.

Американскиот претседател понатаму го повика Пакистан, велејќи дека им овозможува „безбеден рај на терористичките организации“, кои придонесоа за актуелната ситуација во Авганистан.

Пакистан „ќе изгуби многу ако продолжи да им дава засолниште на криминалците и на терористите“, рече Трамп во својот прв политички говор.

„Време е Пакистан да ја покаже својата заложба за цивилизацијата“, предупреди Трамп.

Тој понатаму се осврна на ривалот на Исламабад, Индија, велејќи дека САД бараат поголема соработка со Њу Делхи во Авганистан.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın