„Turkish Airlines“ и КК Босна Ројал потпишаа договор за спонзорство
Договорот меѓу „Turkish Airlines“ и КК Босна Ројал е потпишан во времетраење од една година, со можност за продолжување на соработката
Sarajevo
САРАЕВО (АА) - Претставниците на кошаркарскиот клуб Босна Ројал и авиокомпанијата „Turkish Airlines“ денес во Сараево потпишаа договор за спонзорство во траење од една година, со којшто сараевскиот кошаркарски клуб ќе добие поддршка од реномираната турска авиокомпанија, која истовремено е еден од најголемите партнери на кошаркарските натпреварувања на европскиот континент, јавува Anadolu Agency (AA).
Дамир Крупалија, директор на КК Босна Ројал, истакна дека ова е исклучителен ден за сараевскиот клуб и потпишувањето на договорот со компанија каква што е „Turkish Airlines“ е голем исчекор за клубот.
„Се надевам дека ова ќе биде дополнителен ветер во грбот на нашиот клуб, со надеж дека ќе направиме исчекор, како разултатски во рамките на БиХ, така и на европската сцена, каде што се враќаме по 7-8 години“, рече Крупалија.
Тој изрази надеж дека довербата на компанијата „Turkish Airlines“ кон КК Босна Ројал ќе биде причина и останатите компании и институции од БиХ да се приклучат во проектот за враќање на КК Босна на самиот врв на босанската кошарка.
Договорот меѓу „Turkish Airlines“ и КК Босна Ројал е потпишан во времетраење од една година, со можност за продолжување на соработката. На конференцијата за медиумите не беа дадени детали околу договорот и беше истакнато дека станува збор за деловна тајна.
„Ова ќе биде значителна помош оваа сезона, во остварувањето на нашите цели“, рече Крупалија.
Енис Шошкиќ, претставник на Управниот одбор на КК Босна, потсети на тешката ситуација во којашто се наоѓаше клубот во овие години, но клубот и покрај сѐ, успеал да исплива на површина.
„Таа површина ни дава за право да размислуваме и за врвовите. Во тие висини ќе нѐ понесе 'Turkish Airlines', во тоа не се сомневаме. Тоа е еден вистински партнер на тој пат и факт е оти дефинитивно заедно можеме да ги оствариме тие висини“, рече Шошкиќ, кој им се заблагодари на претставниците на компанијата што го препознале брендот на КК Босна.
Халит Левент Ширин, маркетинг менаџер на „Turkish Airlines“ истакна дека тоа е само почеток на поддршката на таа авиокомпанија во спортот на овие простори.
„Доколку се осврнеме на традиционалните историски и културни врски меѓу Турција и БиХ, можеме да кажеме дека Сараево никогаш не било обична дестинација за нас, во 'Turkish Airlines'. Поради тоа, одлучивме да направиме нешто со што на овие простори ќе го разбудиме духот на кошарката, како спорт со постоечка традиција. По пауза од неколку години, КК Босна повторно ќе излезе на европската сцена и ќе игра натпревари во Лигата на прваци на ФИБА и во втората дивизија на АБА лигата. Се надеваме дека овој спонзорски договор ќе придонесе за добри резултати на двете страни“, рече Ширин.
Јусуф Јамакосмановиќ, регионален преставник за маркетинг на „Turkish Airlines“ за БиХ, истакна дека ова е посебен ден за КК Босна и за „Turkish Airlines“.
„Turkish Airlines“ инаку е еден од најголемите светски авиопревозници. Покрај тоа, оваа компанија е многу позната и во светот на спортот, особено кога станува збор за фудбалот и кошарката.
КК Босна Ројал во септември ќе учествува на квалификациите за Лигата на прваци на ФИБА, а нејзин прв противник ќе биде германскиот кошаркарски клуб МХП Риесен Лудвигсбург (MHP Riesen Ludwigsburg).