спорт

Игор Тудор, најсериозен кандидат за нов тренер на Галатасарај

Од Галатасарај тврдат дека го оствариле првиот контакт со хрватскиот експерт Тудор, додека од Кардемир Карабукспор, каде што Тудор моментално е тренер, тврдат дека околу тоа не знаат ништо

Mehmet Fatih Duman  | 14.02.2017 - Обновена : 15.02.2017
Игор Тудор, најсериозен кандидат за нов тренер на Галатасарај

Istanbul

ИСТАНБУЛ (AA) - Иако уште формално не го раскинал договорот со актуелниот шеф на стручниот штаб, Јан Олде Риекеринк, истанбулскиот фудбалски великан Галатасарај веќе воспостави контакт и преговара со хрватскиот фудбалски експерт Игор Тудор, кој моментално го води турскиот тим Кардемир Карабукспор, јавува Anadolu Agency (AA).

Функционерите на Галатасарај тврдат дека токму Тудор е еден од главните кандидати за замена на Риекеринк на клупата и дека веќе е воспоставен првиот контакт со него.

Тудор е врзан со договор за Карабукспор, а наведената отштета во случај на напуштање на клубот изнесува 150.000 евра.

Токму поволната цена за отштета го стави Тудор на врвот од листата на желби на управата на Галатасарај, но дел од членството на управата на теренската клупа сака да види домашен експерт.

Тудор моментално е во Хрватска, а вечерва се очекува тој да се врати во Истанбул.

Официјалниот став на управата на Галатасарај за прашањето за новиот тренер ќе го соопшти челникот на клубот, Дурсун Озбек, откако управата ќе одржи состанок.

Од друга страна, претседателот на клубот Кардемир Карабукспор, Хикмет Фердун Танкут денес изјави дека за наводните преговори и договорот меѓу Тудор и Галатасарај дознал од медиумите, а дека официјално клубот не добил никаква официјална информација за тоа ниту од Галатасарај, ниту од Тудор.

„Тудор е во Хрватска и тој вечерва ќе дојде да го води тренингот на Кардемир Карабукспор во 19 часот. Веќе извесно време се шпекулира дека ќе замине во Галатасарај. Ќе видиме, ние тука ништо не можеме да направиме“, рече Танкут за АА.

Членот на управата на Кардемир Карабукспор, Толга Ѓул, за АА појасни дека трансферите на тренерите се разликуваат од трансферите на играчите и дека Тудор би можел да стане слободен доколку се уплати оштетата од 150 илјади евра, којашто е наведена во неговиот договор.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.