спорт

Перез: Не разговаравме со Јунајтед за Мората

Првиот човек на „кралскиот клуб“ ги демантираше наводите дека двата клуба постигнале договор за висината на обештетувањето за Мората, и дека шпанскиот напаѓач кариерата ќе ја продолжи на Олд Трафорд

Dejan Maksimovic  | 28.06.2017 - Обновена : 29.06.2017
Перез: Не разговаравме со Јунајтед за Мората

Madrid

МАДРИД (АА) - Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид (Real Madrid) изјави, и покрај наводите на медиумите, дека неговиот клуб сѐ уште не разговарал со Манчестер Јунајтед (Manchester United) во врска со Алваро Мората, јавува Anadolu Agency (AA).

Првиот човек на „кралскиот клуб“ ги демантираше наводите според кои двата клуба постигнале договор за висината на обештетувањето за Мората, и дека шпанскиот напаѓач кариерата ќе ја продолжи на Олд Трафорд.

„Мислам дека не сме во преговори со Манчестер Јунајтед, што не значи дека околу нас нема луѓе кои зборуваат за тоа, што е нормално. Прочитав дека сме постигнале договор, како и милион пати досега, што не е точно“, беше јасен Перез во изјавата за шпанските медиуми.

Тој ги демантираше наводите за заминување на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид поради проблеми со шпанските даночни власти.

„Роналдо има договор со Реал Мадрид. Она што го знам е дека е лут поради пишувањето во медиумите, но не сум разговарал со него. На тоа нема да му давам значење како што го даваат медиумите. Единствено нешто што ќе сториме е да почекаме да заврши Купот на конфедерациите, и потоа ќе разговараме со Роналдо“, заклучи Перез.

Роналдо во „кралскиот клуб“ ги помина последните осум сезони и со мадриѓаните освои дури три пехари во Лигата на шампиони. Мората минатото лето се врати во Реал од Јувентус во кој помина две сезони.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.