Перез: Роналдо може да замине од Реал само ако некој плати милијарда евра
Oткако шпанското обвинителство поднесе тужба против Роналдо за затајување данок во висина од 14,7 милиони евра, сѐ почесто се зборува дека извонредниот напаѓач ќе го напушти Реал
Madrid
МАДРИД (АА) - Флорентино Перез, кој доби уште еден мандат на позицијата претседател на Реал Мадрид, нагласи дека Кристијано Роналдо може да го напушти „кралскиот клуб“ само во случај некој да плати милијарда евра, колку што изнесува клаузулата за раскинување на договорот со португалскиот репрезентативец, јавува Anadolu Agency (AA).
Во последните денови, откако шпанското обвинителство поднесе тужба против Роналдо за затајување данок во висина од 14,7 милиони евра, сѐ почесто се зборува дека извонредниот напаѓач ќе го напушти Реал.
„Сѐ уште не сум разговарал со него, но ќе го направам тоа во следните денови. Меѓутоа, Роналдо има клаузула во договорот во висина од 1 милијарда евра. Тој ќе остане, освен ако некој не е подготвен да ја плати таа сума за него“, изјави Перез за шпанските медиуми, а потоа се осврна на обвинението со коешто се соочи Роналдо, изјавувајќи:
„Сето тоа е многу чудно. Ќе го бранам како играч и како човек. Го познавам Кристијано и тој е добро момче, и како професионалец и како човек. Она што луѓето можат да го направат е да престанат да зборуваат за него како за деликвент, тоа ми пречи и ме боли. Не ја знам неговата даночна ситуација доволно добро, само можам да кажам дека мораме сите да ги извршуваме своите обврски кога станува збор за данокот. Не се сомневам во Кристијано. Она што го знам е дека тој ги користи услугите на истата коорпорација како и во Велика Британија, а таму немаше никакви проблеми“.
Роналдо во Реал Мадрид пристигна во 2009 година, од Манчестер Јунајтед, за тогаш рекордна сума на обештетување во висина од 94 милиони евра. Оттогаш Португалецот во дресот на Реал Мадрид одигра 394 натпревари и постигна речиси неверојатни 406 погодоци. Во дресот на Реал трипати ја освои Лигата на шампионите, на двапати ги освои титулите шампион на Шпанија, Куп на Шпанија и ФИФА светско клупско првенство, а по еднаш суперкупот на Шпанија и на Европа.