Турција

„Неразумно е да се прекинат турско-германските односи кои имаат долга традиција"

„Турците, Германците и Европјаните мораат да работат на тоа да се држат подалеку од ирационалниот пристап и од неодговорната политика која им штети на сите“, порача Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател

Barış Gündoğan  | 25.07.2017 - Обновена : 26.07.2017
„Неразумно е да се прекинат турско-германските односи кои имаат долга традиција"

Ankara

АНКАРА (АА) - Ибрахим Калин, портпарол на претседателот на Турција, истакна дека турско-германските односи се засновани на далечно минато и оти не е разумен пристапот таа соработка да се прекине, јавува Anadolu Agency (AA).

Калин за весникот „Daily Sabah“ (Дејли сабах) напиша статија под наслов „Во кој правец одат Турција, Германија и Европската Унија“, во којшто потсетува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во мај одржа состанок со европските лидери, а на маргините на неодамна одржаниот Самит на Г20, повторно одржа состаноци со нив, а се сретна и со германската канцеларка Ангела Меркел. На средбите станало збор за надминување на тензиите настанати за време на априлскиот референдум во Турција за уставните реформи и за одредување нова патека во развојот на билатералните односи.

Калин во текстот вели дека се прашува зошто шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, во новонастанатиот позитивен бран излегува со изјава дека Германија значително ќе ја смени политиката кон Република Турција.

„Можни се две дневнополитички причини за најавената промена на политиката. Првенствено, поради приведувањето на германскиот државјанин кој е вмешан во незаконски активности во Турција. Второ би можеле да бидат тврдењата за започнатата истрага против некои германски фирми во Турција, кои се поврзуваат со терористичката организација ФЕТО. Дури и германската Влада соопшти дека германските државјани и компании не се сигурни во Турција. Меѓутоа, тврдењата во двата случаја се потполно невистинити и неосновани“, рече портпаролот Калин.

- Не постојат никакви закани за странците во Турција

Калин нагласи дека не постојат никакви закани за странските посетители или бизнисмени, и рече оти случајот на приведување на германскиот државјанин е нешто што се спроведува во рамките на законот и за тоа конечна одлука може да донесе исклучиво судот.

„Во Турција не постои црна листа во врска со германските компании. Денес во Турција работат 7.000 германски компании, а некои од нив имаат вековна традиција на работење. По минатогодишниот неуспешен обид за државен удар во Турција не е затворена ниту една странска фирма, ниту против која било е започната истрага. Затворените или блокирани фирми се исклучиво во сопственост на ФЕТО“, наведува Калин во својата статија.

Тој истакнува дека во Турција, секоја година, без никаков проблем доаѓаат илјадници германски туристи и бизнисмени, а во Германија живеат околу 3 милиони луѓе што потекнуваат од Турција. Калин во текстот вели дека нема причина тие луѓе да се сметаат за закана.

- Владата на канцеларката Меркел јасно кажа дека се против членството на Турција во ЕУ

Калин истакна дека владата на канцеларката Меркел минатата година отворено била против приемот на Турција како полноправна членка на Европската Унија, и во текстот наведува дека Турција ја продолжува сојата соработка со Германија на различни нивоа и полиња.

Тој укажа на постоечкото недоразбирање за темите како што се интеграција и асимилација на Турците во Германија, и вели дека со турско-германскиот договор, запрен е бегалскиот бран кон Европа, а економската соработка забележува позитивни резултати.

Исто така, Калин потсети дека Германија пред референдумот за уставни измени во Турција, на 16. април, им забрани на турските официјални лица и министри да се среќаваат со турската дијаспора, и наведува дека таквиот потег нема никаква логика и ја изненадил Турција.

„Германија ги дозволи собирите и спроведувањето на кампањи на оние што беа против реформите во Турција, а тоа право не им го даде на застапниците на рефорите. Германските медиуми, институции и политичари кои ја критикуваат Турција поради наводното ограничување на слободата на мирно собирање и говор, тоа истото не му го дозволија на турскиот претседател Ердоган, забранувајќи му да присуствува на мирниот собир на турската дијаспора“, вели Калин во својата статија.

Портпаролот на турскиот претседател потсети дека во тој период, и членовите на терористичката организација ПКК во Германија одржувале митинзи против реформите во Турција, работејќи на оправдување на терористичките напади што ги изведуваат во Турција. Во својата статија, Калин истакнува дека додека турските власти трагале по голем број членови на терористичката организација ФЕТО, тие биле примени во Германија.

- Во Германија сѐ уште трае медиумската опсесија со Ердоган

„Паралелно со наведеното, во Германија трае и медиумската опседнатост со Ердоган. Текстовите во германските медиуми не личат на сериозни политички анализи, туку на размислувања на човек со пореметен ум“, наведува Калин.

Калин во текстот вели дека германската Влада најавила дека своето влијание ќе го искористи за и другите земји да се свртат против Турција, и додаде дека тоа е неразумен и ирационален пристап, кој нема да ѝ нанесе штета само на Турција. Тој запраша до кога Германија ќе ја занемарува заканата од ПКК, ФЕТО и од други групи за Турција, како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија.

„Јасно се дека во сето ова голема улога имаат и изборите во Германија, кои се закажани за септември. Антитурската популистичка реторика на политичарите им носи аплаузи, внимание и гласови. Некои политички групи во Европа не сакаат во огледалото да ја погледат сопствената состојба, па се обидуваат од Турција да направат некаков проблем. Претставувајќи ги Турците како варвари, тие кругови во Европа подобро се чувствуваат и бегаат од темата за невработеноста, расизмот, дискриминацијата во општеството и за слабеењето на европската идеја и вредности“, наведува Калин и додава дека таквиот пристап не може да ги реши проблемите, ниту може да биде патоказ за иднината на Европа.

Нагласувајќи дека за борбата против тероризмот, неправдата и несигурноста во светот, потребна е глобална соработка, Калин рече дека е неопходно и потребно да се изградат турско-европските односи врз основа на заемно почитување, доверба и интерес.

„Турците, Германците и Европјаните мораат да работат на тоа да се држат подалеку од ирационалниот пристап и од неодговорната политика која им штети на сите“, заклучи Калин.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.