Албанија: Средба на министрите за надворешни работи во рамките на Самитот на Берлинскиот процес
„Темелот на мобилноста во регионот е безбедноста и затоа од суштинско значење е да нагласиме дека тензиите од последните денови меѓу Србија и Косово го загрозуваат и Берлинскиот процес“
ТИРАНА (АА) - Во рамките на претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Албанија се одржува состанок на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес, на кој учествуваат делегации од балканските земји, Европската Унија (ЕУ) и разни организации, јавува Анадолу.
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, во Палатата на бригадите во Тирана ги прими министрите и другите функционери што учествуваат на овој министерски состанок, а состанокот го води шефот на албанската дипломатија.
Во изјавата за медиумите пред почетокот на средбата, министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, рече дека Берлинскиот процес е одлучувачки процес во однос на соработката во регионот, особено преку различни договори за мобилност во регионот.
Таа зборуваше и за неодамнешните тензии на северот на Косово, каде што на 24 септември во напад на група вооружени Срби беше убиен еден косовски полицаец, а двајца беа повредени, додека четворица членови на вооружената група беа убиени од полицијата.
„Темелот на мобилноста во регионот е безбедноста и затоа од суштинско значење е да нагласиме дека тензиите од последните денови меѓу Србија и Косово го загрозуваат и Берлинскиот процес. И затоа имав силен апел заедно со европските партнери, заедно со нашите американски пријатели, да подвлечат дека треба да има намален број војници од Србија (на границата со Косово), што неодамна го видовме“, рече таа.
Баербок нагласи дека треба да покажат посилна посветеност на регионот.
На крајот од средбата, прес-конференција ќе одржат министерот Хасани, министерката Баербок и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.
Берлинскиот процес е иницијатива насочена кон зголемување на регионалната соработка во Западен Балкан и обезбедување помош за интеграција на земјите од овој регион во ЕУ.
Самитот на Берлинскиот процес ќе се одржи на 16 октомври во Тирана.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.