свет, економија

Русија размислува да се сврти кон исламското банкарство поради затворањето на западните финансиски пазари

„Исламското банкарство нуди партнерство кое вклучува учество и во добивката и во загубата, додека заемите базирани на камата треба да се враќаат, без оглед на резултатот од активностите на заемопримачот“

Elena Teslova  | 01.02.2023 - Обновена : 02.02.2023
Русија размислува да се сврти кон исламското банкарство поради затворањето на западните финансиски пазари

МОСКВА (АА) - Русија денеска ќе започне експериментален пилот-проект за спроведување на исламските финансиски практики во неколку свои региони со доминантно муслиманско население, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пилот-проектот ќе се спроведе во Дагестан, Чеченија, Башкирија и Татарстан и ќе трае две години. По тој период, властите ќе одлучат за соодветноста на исламскиот модел за Русија.

Александр Казаков, висок експерт во Руската асоцијација на експерти за исламски финансии, за Агенција Анадолија изјави дека е „време да се заборави“ на западните финансиски пазари и да се стави фокус на соработката со арапските и азиските земји.

„На корпорациско ниво, веќе е очигледно дека сите западни финансиски центри се затворени за рускиот капитал, ние немаме друг избор освен да развиеме други достапни алтернативи. Време е да заборавиме на постоењето на Лондон и да се концентрираме на Пекинг, Њу Делхи, Сингапур, Куала Лумпур и земјите од Заливот“, рече Казаков.

Тој истакна дека Државната дума го усвоила на првото разгледување Предлог-законот за партнерско финансирање, во кој терминот „партнерско финансирање“ укажува на финансиски производи засновани на исламските принципи.

„Откако ќе се усвои, постоењето на алтернативни финансиски инструменти ќе биде признаено на законодавно ниво во Русија. Ова е важен политички чекор и во земјата и во однос на нашите вистински странски партнери“, нагласи тој.

Според Казаков, исламското банкарство активно се развива во последниве години - Блискиот Исток е најголемиот центар за исламското банкарство, а Малезија за исламски безбедносен пазар.

На прашањето дали исламскиот финансиски модел се коси со западниот финансиски систем, Казаков рече: „Ќе живееме и ќе видиме. Западниот финансиски систем сега е во сериозна криза. Сѐ ќе зависи од тоа како ќе ја преживее оваа криза и дали ќе ја преживее.“

„Во Русија има неколку исламски финансиски организации за малопродажба кои функционираат успешно“, додаде тој, и посочи дека исламскиот финансиски систем има добри изгледи поради многу обемната побарувачка од над 20 милиони руски муслимани.

- Религиозната припадност ирелевантна кога станува збор за користењето на исламскиот финансиски систем -

Зборувајќи за спорните точки на исламското финансирање, Казаков рече дека главната разлика е во тоа што исламското финансирање забранува наплата на камати.

Тој потсети дека традиционалниот финансиски систем и во христијанскиот и во исламскиот свет го забранува лихварството, но дека сепак, заемите со камата на крајот го нашле својот пат до европскиот бизнис.

„Исламското банкарство нуди партнерство кое вклучува учество и во добивката и во загубата, додека заемите базирани на камата треба да се враќаат, без оглед на резултатот од активностите на заемопримачот“, рече тој.

Исламските финансии се состојат од два основни модели - партнерство или мушарака и плаќање на рати, односно мурабаха.

„Ајде да покажеме како функционираат двата системи користејќи го примерот на конвенционален хипотекарен заем. Кога станува збор за партнерство или мушарака, банката заедно со клиентот купува недвижен имот во заедничка сопственост. Клиентот се преселува во купениот објект и плаќа кирија на банката во зависност од уделот, а клиентот постепено го откупува уделот на банката.

Во вториот случај, со плаќањето на рати, односно мурабаха, банката, според инструкциите на клиентот, купува недвижен имот по тековната (актуелна) цена и ја продава на клиентот, кој плаќа на рати со одредена маржа во таа цена. Технички, маржата може да се пресмета како процент од куповната цена, но од шеријатска гледна точка таквата трговска маржа е дозволена и не се квалификува како лихварство (камата)“, истакна тој.

„Друга карактеристика на исламското финансирање е отсуството на каматни кредитни картички“, рече Казаков.

Тој, исто така, нагласи дека исламските банки во сите случаи треба да се погрижат секое финансиско работење да е тесно поврзано со инвестиции и трговија во согласност со шеријатот и да не ги кријат заемите со камата.

„Општиот принцип на исламските финансии е нераскинливата поврзаност на финансирањето со реалната економија и неможноста да се користат парите како предмет на продажба“, рече тој.

„Верската припадност не наметнува никакви ограничувања за користење на исламскиот финансиски систем“, посочи Казаков.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.