Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Џафери, во посета на Кина
Џафери острвари средба со потпретседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција, Џанг Чингли
СКОПЈЕ (АА) - Делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од претседателот на Собранието, Талат Џафери, престојува во официјална посета на Народна Република Кина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Собранието на Северна Македонија, Џафери реализирал средба со потпретседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција, Џанг Чингли.
Џафери за време на средбата истакнал дека минатогодишната посета на Џанг на Северна Македонија и оваа возвратна посета го покажуваат заедничкиот интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката.
Џафери нагласил дека ваквите посети на високо ниво и добрите политички односи, носат со себе и голема придобивка за граѓаните, а тоа е проширување на економската соработка.
Тој, во текот на разговорите, ставил акцент на искористување на можностите за економска соработка и истакнал дека покрај учеството на кинеските компании во изградба на двата автопати во Северна Македонија и можното учество во изградбата на железничката инфраструктура, кинеските инвеститори би можеле да најдат свој интерес и во слободните економски зони и во инвестирањето во капацитети за обновлива енергија.
Во соопштението се вели дека како потврда на ваквата определба, Џафери го посочил и активното учество на Северна Македонија во процесот на соработка 17 + 1 на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
Според соопштението, потпретседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција, Џанг, подвлекол дека зајакнувањето на парламентарните односи дава значаен придонес на добрите билатерални односи, а предлозите за поинтензивна економска соработка ги оценил како полезни за двете држави.
Тој истакна дека Народна Република Кина во Северна Македонија гледа пријател и партнер и изрази подготвеност за продлабочување на економските односи.
Исто така, Џанг информираше за импресивните резултати на кинеската економија во последната декада и напорите кои постојано се вложуваат за надминување на нееднаквиот развој во земјата и искоренување на сиромаштијата.
Се вели дека покрај континуираните напори за постигнување благосостојба во државата, Џанг посочил дека Народна Република Кина се залага и за поголема благосостојба во светот и за таа цел ја развива Иницијативата „Појасот и патот“.