Во Анкара се реализира обука за користење дронови за медиумските работници
Во рамките на обуката, 19 учесници од 10 земји, меѓу кои Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Азербејџан, Киргистан, Јордан, Ирак, Шри Ланка, Узбекистан и Сирија, добија тридневна обука за употреба на дрон
АНКАРА (АА) – Во главниот град на Турција, Анкара, се реализираше „Обуката за користење дронови за медиумските работници“, што ја спроведе Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), на која присуствуваа 19 учесници од 10 земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на обуката, 19-те учесници од 10 земји, меѓу кои Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Азербејџан, Киргистан, Јордан, Ирак, Шри Ланка, Узбекистан и Сирија, добија тридневна обука за употреба на беспилотното летало ИХА-1 (дрон) во Анкара.
Учесници на обуката, освен новинарите, беа и неколку инфлуенсери.
Првиот ден од обуката се одржа во канцелариите на ТИКА, каде што учесниците заедно со предавачите разговараа за теоретските прашања поврзани со беспилотните летала, правилата на цивилната авијација и фотографирањето со беспилотни летала.
Вториот и третиот ден од обуката продолжија како практична обука за користење дронови во воздушниот простор.
Предавачите на обуката се претставници од компанијата Сапмаз Хаваџилик.
Потпретседателот на ТИКА, Рахман Нурдун, координаторот на проектите за образование, Мустафа Хашим Полат, и шефот на Одделот за надворешни односи и партнерства на ТИКА, Угур Танјели, во просториите на ТИКА во Анкара, по завршувањето на обуката им доделија сертификати на учесниците и притоа им посакаа многу успех.
„ТИКА за прв пат спроведува ваква обука и учествуваат важни новинари и инфлуенсери од десет држави. Обуката што траеше три дена има добар резултат, учесниците се задоволни, а денеска ги доделивме сертификатите. Основната цел на ТИКА е зголемување на капацитетот, а бидејќи оваа обука за медиумите е еден дел од тоа, ние ќе продолжиме постојано да ја надоградуваме“, изјави за Агенција Анадолија потпретседателот на ТИКА, Рахман Нурдун.
Теликада Масачике Чанат Будика од Шри Ланка, вработен во националната телевизија на земјата, е еден од учесниците што ја заврши обуката, а нарекувајќи ја неверојатно искуство тој се заблагодари на поканата и можноста да се усовршува во областа на снимање со дрон.
Инфлуенсерот со приближно 8 милиони следачи на социјалната мрежа Инстаграм, Али Абдулхалек Абдулрасул од Ирак, вели дека покрај стекнатото знаење, обуката што ја спроведе ТИКА е одлична можност за размена на меѓусебни искуства.
„Ја ценам можноста да бидам дел од оваа обука и се надевам на идна соработка. Посакувам да има повеќе проекти во Ирак, а јас сум подготвен да помогнам бидејќи сум сведок на ваков вид проекти на ТИКА, кои имаат голема вредност“, вели Абдулрасул.
Покрај обуката, учесниците ја посетија и Претседателската национална библиотека како дел од програмата.
Дополнително, учесниците ja посетија и фабриката за обновливи извори на енергија и производство на соларни панели, Калјон ПВ.
Учесниците кои ја завршија обуката за користење дронови во Анкара ќе присуствуваат на настанот НЕКСТ од TRT World Forum, што ќе се одржи денес (14 мај) во Истанбул.
Согласно со барањето испратено до ТИКА да се поддржи Форумот на млади медиумски работници НЕКСТ, организиран од TRT World, ТИКА одлучи да ги поддржи новинарите кои доаѓаат од странство и да обезбеди обука за користење дронови за учесниците.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.