свет

Кина забележа најголем пад на бројот на населението во последните шест децении

Вкупната популација на Кина минатата година се намалила за 850.000

Riyaz Khaliq Khaliq  | 17.01.2023 - Обновена : 18.01.2023
Кина забележа најголем пад на бројот на населението во последните шест децении

ИСТАНБУЛ (АА) - Кина, најнаселената земја во светот, забележа негативен раст во 2022 година, рекорден пад на населението во последните над шест децении, покажуваат податоците кои ги објави земјата денес, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вкупната популација на Кина минатата година се намалила за 850.000, соопшти Националното биро за статистика.

„До крајот на 2022 година, населението на земјата изнесуваше 1.411,75 милиони (населението на 31 провинција, автономни региони и општини и војниците), што е намалување за 0,85 милиони во однос на бројот на крајот на 2021 година“, се додава од Националното биро.

Податоците не ги вклучуваат жителите на Хонг Конг, Макао и Тајван, како и странците кои живеат во 31 провинција, во автономните региони и општините.

Наведено е дека се регистрирани 9,56 милиони родени, со стапка на наталитет од 6,77 раѓања на 1.000 жители.

„Луѓето не треба да се грижат премногу, бидејќи главното прашање е дали населението, демографската структура и индустрискиот систем се компатибилни“, порача директорот на бирото Канг Ји како одговор на прашањето дали населението во Кина ќе продолжи да се намалува.

„Трендот ќе продолжи“, рече тој.

„Севкупната понуда на работна сила е сè уште поголема од побарувачката. Тоа не значи дека ако вкупното население се намалува и демографската дивиденда да исчезне“, истакна Канг, пренесе „Шангај дејли“.

Тој истакна дека намалувањето на популацијата на Кина во 2022 година главно е предизвикано од падот на новородени, што е поврзано со намалување на намерите за имање деца, со одложување на склучувањето брак и имањето деца, како и со намалувањето на бројот на жени на репродуктивна возраст.

Тоа е „прв пат од 1950 година бројот на новороденчиња да падне под 10 милиони и трета година по ред стапката на наталитет во земјата да падне под 1%,“ објави кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.

Во Кина националната стапка на наталитет падна на 6,77 раѓања на 1.000 жители минатата година, што е рекордно ниска стапка, намалена од 7,52 колку што изнесуваше во 2021 година. Тоа е најниска стапка од почетокот на нејзиното евидентирање во 1949 година.

Податоците на Националното биро покажуваат дека бројот на смртни случаи го надминал бројот на раѓања минатата година, што резултира со намалување на вкупната популација од 1.412,6 милијарди во 2021 година на 1.411,8 милијарди минатата година.

Минатата година стапката на смртност изнесуваше 7,37 на 1.000 жители, што резултираше со национална стапка на раст од негативни 0,6 на илјада луѓе.

Податоците открија дека минатата година се родени 9,56 милиони бебиња, што е пад од 9,98 отсто од 10,62 милиони колку што се родија претходната година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.