свет

Шведските музичари бараат забрана за учество на Израел на Евровизија поради неговата војна во Газа

Наведувајќи го фактот дека на Русија ѝ беше забрането да се натпреварува во 2022 година поради војната со Украина, над 1.000 уметници потписници нагласуваат дека ист принцип мора да се примени и за Израел

Burak Bir  | 30.01.2024 - Обновена : 31.01.2024
Шведските музичари бараат забрана за учество на Израел на Евровизија поради неговата војна во Газа

ЛОНДОН (АА) - Над 1.000 шведски музичари ја повикаа Европската радиодифузна унија (ЕБУ) да го исклучи Израел од Изборот за песна на Евровизија поради неговата војна во Газа, пренесува Анадолу.

Во отвореното писмо што го објави шведскиот весник „Афтонбладет“, уметниците од земјата домаќин на Евровизија, Шведска, изјавија дека очекуваат организаторот да биде доследен во својот став кон земјите што „ги кршат демократските вредности и човековите права“.

Наведувајќи го фактот дека на Русија ѝ беше забрането да се натпреварува во 2022 година поради војната со Украина, повеќе од 1.000 уметници потписници нагласија дека ист принцип мора да се примени и за Израел.

Како одговор на претходните повици, ЕБУ објави дека Израел нема да биде исклучен од натпреварот, велејќи дека сака да го задржи статусот на натпреварот како „аполитичен настан што ја обединува публиката низ светот преку музиката“.

Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, при што загинаа најмалку 26.637 Палестинци, а беа повредени 65.387. Се верува дека во Израел загинале речиси 1.200 лица.

Израелската офанзива остави 85 отсто од населението во Газа внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според ОН.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.