Турција

Ердоган: Бројката на загинати се зголеми на 3.549, во регионот е прогласена тримесечна вонредна состојба

- Имаме 3.549 загинати, 22.168 повредени. Наша најголема утеха е дека досега од урнатините извлековме над 8.000 наши граѓани, рече претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање пред јавноста

Diyar Güldoğan  | 07.02.2023 - Обновена : 08.02.2023
Ердоган: Бројката на загинати се зголеми на 3.549, во регионот е прогласена тримесечна вонредна состојба Фото: Мустафа Камаџи / АА

АНКАРА - Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган се обрати од Државниот информативен координативен центар во врска со земјотресите што ја потресоа Туркије. Според најновите информации, 3.549 лица загинаа, а најмалку 22.168 се повредени во земјотресите што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије, известува Анадолу.

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, потврди дека во регионите погодени од разорните земјотреси е прогласена тримесечна вонредна состојба.

„Имаме 3.549 загинати, 22.168 повредени. Наша најголема утеха е дека успеавме од урнатините да спасиме повеќе од 8.000 граѓани“, рече Ердоган за време на своето обраќање пред јавноста.

Тој соопшти и дека 10 области кои претрпеле најразорни последици од земјотресот се прогласени за подрачја на катастрофа која влијае на општиот живот.

„Во регионите погодени од земјотресот прогласена е тримесечна вонредна состојба. Врз основа на одлуката за тримесечна вонредна состојба бргу ќе ги завршиме процесите во Претседателството и Парламентот“, рече Ердоган.

Тој додаде дека продолжуваат акциите за пребарување и спасување на преживеаните.

„Повеќе од 53.000 спасувачи, медицински и друг персонал се активни на подрачјето погодено од земјотресите, а со помошта од странство, таа бројка континуирано расте“, рече Ердоган.


- Разорни земјотреси што ја потресоа Туркије

Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер вчера наутро во 4:17 часот по локално време со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.

И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.

Земјотресите се почувствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и други региони.

Туркије прогласи седумдневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın