Ердоган отпатува во еднодневна работна посета на Русија
За време на посетата, Ердоган во рускиот приморски град Сочи со Путин ќе одржи тет-а-тет средба и ќе претседаваат со меѓуделегацискиот состанок
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, замина за Русија за да се сретне со својот руски колега Владимир Путин на разговори за билатералните односи и меѓународните и регионалните прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според турското Претседателство, за време на еднодневната работна посета на Ердоган во рускиот приморски град Сочи лидерите ќе одржат тет-а-тет средба и ќе претседаваат со меѓуделегацискиот состанок.
На состанокот во Сочи ќе стане збор и за кризата во Сирија и тековната Руско-украинска војна, која е во шестиот месец.
Лидерите ќе ги оценат и билатералните односи меѓу двете земји, главно фокусирани на економијата, трговијата и енергетиката, кои ја сочинуваат движечката сила зад односите меѓу Туркије и Русија.
Ќе се разменат мислења и за потенцијалните чекори за унапредување на билатералната соработка.
Ердоган и Путин ќе се сретнат лично по вторпат за 17 дена по нивната јулска средба во иранскиот главен град Техеран, каде што на Самитот за Сирија лидерите имаа трилатерална средба со нивниот ирански колега Ибрахим Раиси.
- Напорите на Туркије да го деблокира извозот на жито од Украина -
Благодарение на дипломатските напори на Туркије за деблокирање на извозот на жито од Украина, бродот „Разони“ под знамето на Сиера Леоне, беше првиот брод од почетокот на војната кој во понеделникот исплови од украинското пристаниште во Одеса. Бродот со над 26.500 тони пченка помина низ Босфорскиот Теснец откако во средата доби безбедносен сертификат во Истанбул и се упати кон Либан за испорака на жито за која многумина веруваат дека помага да се олесни глобалната криза со храна.
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули потпишаа историски договор за повторно отворање на трите украински пристаништа - Одеса, Черноморск и Јужни - за извоз на жито од Украина што е блокиран со месеци поради Руско-украинската војна.
Уште три брода со жито и прехранбени производи денеска ги напуштија украинските пристаништа, превезувајќи над 58.000 тони пченка во рамките на договорот.
Бродот НАВИСТАР, под знаме на Панама, тргна од пристаништето во Одеса за Ирска со 33.000 тони жито, бродот „Ројен“, под знаме на Малта, го напушти пристаништето Черноморск со 13.000 тони жито за Велика Британија, додека бродот „Поларнет“, кој плови под турско знаме, го напушти пристаништето во Черноморск со 12.000 тони пченка наменети за Туркије.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.