образование, култура и уметност

Младиот пијанист во кој класичната музика буди посебни емоции

„Се одлучив за пијано бидејќи како мал слушав многу оркестарски изведби, но најмногу ми оставија впечаток концертите со пијано, бидејќи кога го слушам овој инструмент, тогаш во мене се будат емоции“

Admir Fazlagic  | 09.10.2017 - Обновена : 10.10.2017
Младиот пијанист во кој класичната музика буди посебни емоции Vedat Abdul/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ

Петнаесетгодишниот пијанист Арда Мустафаоглу од Скопје е веќе препознатлива личност во светот на класичната музика. Иако е многу млад, овој виртуоз на пијано во својата досегашна кариера веќе освои неколку први награди на реномирани меѓународни натпревари, од кои може да се издвојат натпреварите во Србија, Италија, Бугарија и особено, Голема награда (Grand Prix) на интернационалниот EMCY (Европска унија за музички натпревари за млади), натпревар за млади музички таленти во Истанбул, Турција.

Во разговор за Anadolu Agency (AA), пијанистот Арда Мустафаоглу, кој сега е прва година во средното музичко училиште во Скопје, говореше за љубовта кон музиката, пијаното, за своите досегашни достигнувања, успеси, но и предизвици со коишто се соочувал и допрва ќе се соочува овој млад талентиран музичар.

- „Кога го слушам пијаното, во мене се будат емоции“ -

Арда Мустафаоглу открива дека од својата трета година започнал да свири на пијано, и оти не е како повеќето млади луѓе кои најголем дел од своето време го поминуваат со паметните телефони или на компјутер, туку се фокусира на она што најмногу го сака, работејќи напорно, со многу труд и верба во себе, со желба да стане светски истакнат пијанист.

„Се одлучив за пијаното најпрвин бидејќи класичната музика ја доживувам како музика што предизвикува емоции, различни мислења, што може да се истражува на безброј начини, има различни начини на изведба на класичната музика, па за мене таа е многу соодветна и во 21. век. Се одлучив за пијано бидејќи како мал слушав многу оркестарски изведби, но најмногу ми оставија впечаток концертите со пијано, бидејќи кога го слушам овој инструмент, тогаш во мене се будат емоции“, раскажува пијанистот Мустафаоглу, говорејќи за својата љубов кон класичката музика и кон пијаното.

Со оглед на тоа што е прва година во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје, младиот талентиран музичар Мустафаоглу вели дека најголемиот дел од своето време го поминува во училиште, а по училишните обврски, времето го поминува вежбајќи на пијано, за што, без двоумење вели дека клавирот е неговиот најдобар пријател.

Всушност, како што раскажува овој млад пијанист, допирајќи ги белите и црните дирки на клавирот, тој најдобро ги изразува своите чувства, за кои вели дека длабоко се вкоренети во него.

- „Турција и Истанбул имаат посебно место во моето срце“ -

Според неговите зборови, досегашните успеси на меѓународните натпревари ги постигнал со многу труд и со напорно вежбање. Мустафаоглу раскажува дека сите натпревари ги доживува на посебен начин, како и дека секој од нив е можност да се претстави во најдобра светлина, да направи своевидна проверка на своите музички способности, но и да стекне професионално искуство, за коешто смета дека е неприкосновено.

На годинешниот натпревар во Истанбул, во мај, меѓународното жири едногласно одлучи на Арда да му ја додели и наградата „Најдобра изведба на турски композитор“, за изведбата на „Black Earth“ на турскиот композитор Фазил Сај. Во втората етапа од натпреварот, пред турската публика во преполната сала на Поморскиот музеј во општината Бешикташ, покрај задолжителната програма, Арда ја изведе и „Токатата за пијано“ од македонскиот композитор Властимир Николовски. За овој натпревар, Мустафаоглу го врзуваат посебни чувства.

„Натпреварот во Турција има посебно место во моето срце, бидејќи самиот град Истанбул и целата Турција е нешто магично за мене. Секој пат кога ќе одам во Истанбул ја доживувам атмосферата и луѓето на посебен начин за мене. На натпреварот во Турција го освоив првото место. Бев многу среќен, имаше ученици од сите делови на Турција. Самиот натпревар имаше многу големо значење за мене“, истакнува Арда.

Долга е листата на музичките дела од различни композитори, кои младиот виртуоз на пијано сака да ги изведува, но и да ги слуша во слободното време. Сепак, како омилени ги извојува Франц Лист, Лудвиг ван Бетовен, Фредерик Шопен, Волфгант Амадеус Моцарт и од барокните, Доменико Скарлати и Себастијан Бах.

За младиот музичар Мустафоглу, свирењето пијано претставува повеќе од професија, или пак хоби. За него, всушност, тоа е начин на живот. Тој објаснува дека е свесен оти му претстои уште многу работа и обврски за да биде она што посакува, но верува дека истрајноста и упорната работа ќе го донесат на посакуваниот пиедестал.

„Засега, тоа што сакам е да ги освојам најголемите натпревари во светот, и да можам да постигнам концентрација во различни големи сали, со големи оркестри, и едноставно да го правам она што најмногу го сакам – да свирам пијано, се разбира“, несебично открива музичарот.

Осврнуваќи се на предизвиците, објаснува дека освен желбата и напорната работа, потребно е да се работи со врвни професори, но и да се има квалитетен иструмент, пијано со потребните карактеристики. Кога е во прашање инструментот, тој треба да ги исполни бараните услови, односно да поседува концертно пијано, што овој млад музичар не може да си го дозволи.

„Се разбира дека е тешко, бидејќи ова е возраста кога ми се ближат најголемите натпревари, а за големите натпревари морам да вежбам на пијано кој што го задоволува стандардот, но мене не ми е овозможено. Во школото има пијано, но тоа не ги исполнува условите за големите натпревари“, вели младиот пијанист, кој се надева дека ќе се најде некаков начин за да обезбеди инструмент со потребните перформанси. 

Музичарот Мустафаоглу смета дека без оглед на сите пречки и проблеми, може да се дојде до посакуваниот успех, но потребно е истрајно и паметно да се работи, максимално да се ангажира, континуирано да вежба и да стекне професионално искуство.

„Без оглед на тоа со која професија се занимаваат, младите треба да се фокусираат на она што сакаат да го прават и да посветат најмногу време на тоа. Никогаш да не се откажуваат и она што мислат дека не е остварливо, да се трудат и да го направат“, им порачува младиот пијанист Мустафаоглу на сите млади што сакаат да успеат во она што го работат.

- Мајката во улога на наставник по пијано -

Самира Мустафаоглу, наставник по пијано со дведецениско искуство во музичкото училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје, која воедно е и мајка и професор по пијано на младиот Арда Мустафоглу, за АА вели дека со нејзиниот син Арда работи од најмала возраст, кога имал 3-4 години. Таа објаснува дека одговорноста да се работи со млади музичари е голема, особено кога се работи за натпросечно талентирани деца. 

Во разговорот истакнува дека за младиот Мустафаоглу многубројни истакнати професори од конзерваториумите од Франција, Германија, Италија, Србија, но и од музичката академија во Скопје, се изјасниле дека тој е натпросечен талент со кој треба да се внимава при изборот на композициите, за што вели дека не е ниту малку едноставно. 

Од друга страна, за неа не претставува посебен проблем што на Арда, таа му е воедно и мајка и професор.

„Како го издвојувам тоа, тоа ми е поедноставниот дел, бидејќи работното искуство си го направило своето. Едно е мајка, друго е наставник. Тој работи сам, но има и настава со мене секојдневно“, вели наставничката по пијано Мустафаоглу.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.