образование

Штип: Институтот Јунус Емре отвори „Турско катче и училница“

На Универзитетот Гоце Делчев во Штип денес се одржа свеченото отварање на „Турското катче и училница“ од страна на Институтот Јунус Емре во Скопје, во соработка со Универзитетот Гоце Делчев

Furkan Abdula  | 18.12.2017 - Обновена : 19.12.2017
Штип: Институтот Јунус Емре отвори „Турско катче и училница“ Фото: Институт Јунус Емре

Stip

ШТИП (АА) - На Универзитетот Гоце Делчев во Штип денес се одржа свеченото отварање на „Турското катче и училница“ од страна на Институтот Јунус Емре во Скопје, во соработка со Универзитетот Гоце Делчев во Штип, јавува Anadolu Agency (AA).

На оваа церемонија присуствуваа амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, проректорот на универзитетот Гоце Делчев во Штип, проф. д-р Кирил Барбареев, проф. д-р Драгана Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет при овој универзитет, директорот на Институтот Јунус Емре во Скопје, д-р Шемсетин Шекер, како и други поканети гости.

Амбасадорката Кара рече дека се чувствува среќна што присуствува на овој настан кој се реализира со цел понатамошно подобрување на културната врска меѓу двете земји, и додаде дека од ова нема да имаат корист само студентите кои доаѓаат од Турција, туку и сите сограѓани во оваа земја.

„Минатата година учествував на семинарот на Институтот Јунус Емре по завршувањето на обуката на турски јазик, која се одржа по принципот „еден јазик едно лице“, и со ветувањето дека со изучување на еден јазик се освојува еден човек. Среќна сум што околу 100 студенти го научија турскиот јазик, отидоа во Турција и ја доживеаа културата таму, ја запознаа Турција и го користеа турскиот јазик што го научиле“, рече Кара укажувајќи на важноста од ширење на ваквите активности низ цела Македонија.

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, изрази задоволство поради отворањето на Турската училница на универзитетот, и додаде дека оваа просторија е скромна но многу значајна за студентите со цел да имаат каде да дојдат да разговараат, да другаруваат, и тоа да ги потсетува на нивната култура во Турција.

Истакнувајќи дека во овие рамки се сретнал и со турската амбасадорка Кара, Бочварски пренесе дека со неа разговарале за продлабочување на соработката и збратимување на општина Штип со некој од градовите во Турција.

Од друга страна, проректорот на универзитетот Гоце Делчев во Штип, проф. д-р Барбареев нагласи дека во изминатите осум години на универзитетот се пријавиле и запишале над 400 студенти од Турција. Тој рече дека станува збор за еден исклучителен настан значаен за почитувањето на културата, традицијата, вредностите, јазикот, идентитетот на еден народ.

Проф. д-р Кузмановска, декан на Филолошкиот факултет при овој универзитет, потсети дека потпишале договор за соработка со Институтот Јунус Емре, и додаде дека како резултат на оваа соработка денес се отвора оваа Турска училница.

Инаку, со отварањето на Турското катче и училница се има за цел да се зголеми нивото на познавање на турскиот јазик кај студентите кои студираат Туркологија на овој универзитет, потоа за организирање на литературни средби, за академска поддршка на оваа катедра, како и за развој на историските и културните врски меѓу Турција и Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.