политика

Заев: Земјата е чекор поблиску до членство во Европската Унија

„Сега е време сите да се вложиме уште посилно во евроинтеграциите. Сега е време да се истакне креативноста и одлучноста на Македонците, на Албанците, на Турците, на Власите, на Ромите, на Србите, на Бошњаците и на сите други...“

Ekipa  | 17.04.2018 - Обновена : 18.04.2018
Заев: Земјата е чекор поблиску до членство во Европската Унија

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, по повод Извештајот на Европската комисија за пристапни преговори на Македонија со ЕУ истакна дека земјата е чекор поблиску до членство во Европската Унија и до достигнување на економските стандарди на ЕУ, пренесува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев на прес-конференцијата одржана по повод денешниот Извештај, во кој Европската комисија предолжи чиста препорака за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ, нагласи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ, и дека Европската Унија со внимание и со почит ги следи реформските и политичките процеси во земјата.

„17 април е голем ден и датум. Ова е ден кој ќе биде запишан на светлата страна на поновата политичка историја на Република Македонија“, рече премиерот Заев и нагласи дека најголема заслуга за напредокот, за успешното спроведување на реформските процеси, имаат граѓаните.

„Граѓаните потврдија дека многу добро знаат зошто е важно чекорењето на Република Македонија кон ЕУ. Граѓаните знаат дека со овој наш процес на приближување и зачленување во ЕУ обезбедуваме европски стандарди во работата на институциите, а тоа значи подобри услуги, подобри сервиси за граѓаните“, истакна Заев.

Извештајот на Европската Комисија, нагласи Заев, е извештај создаден од искрените партнери, кој, како што рече, содржи јасни насоки до отворената врата на ЕУ.

„Сега е време сите да се вложиме уште посилно во евроинтеграциите. Сега е време да се истакне креативноста и одлучноста на Македонците, на Албанците, на Турците, на Власите, на Ромите, на Србите, на Бошњаците и на сите други, за да покажеме дека во единството на различностите делиме европски вредности“, заклучи премиерот Заев.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın