политика, Балкан

Белград: Вучиќ и Токаев разговараа за зајакнување на соработката меѓу Србија и Казахстан

„Се разбира, и двајцата сме загрижени и двајцата сакаме да воспоставиме мир на евроазиско тло што е можно побрзо...“

Gorana Jakovljevic  | 19.11.2024 - Обновена : 20.11.2024
Белград: Вучиќ и Токаев разговараа за зајакнување на соработката меѓу Србија и Казахстан Фото: Filip Stevanovic/АА

БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев, по средбата во Белград, изразија решеност за зајакнување на соработката меѓу двете земји, јавува Анадолу.

Вучиќ му се заблагодари на претседателот на Казахстан за досегашната поддршка за Србија, наведувајќи дека Србија секогаш ќе го поддржува територијалниот интегритет на Казахстан и ќе биде искрен пријател на таа земја.

Тој нагласи дека разговарале за сите важни теми.

„Се разбира, и двајцата сме загрижени и двајцата сакаме да воспоставиме мир на евроазиско тло што е можно побрзо, пред сè кога зборуваме за конфликтот меѓу Украина и Русија, сега не само Украина и Русија, туку и многу поширок конфликт, и ние сме особено загрижени поради сето она што се случува во последниот ден и најавата за можна ескалација на конфликтот. Ми се чини дека и двајцата сметаме дека мирот и постигнувањето мир и зачувувањето на мирот се од суштинско значење за напредок на двете наши земји, но би рекле и двата континенти“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека разговарале за соработка во различни области, во сите сфери на општественото живеење на полето на воената, воено-медицинската, воено-техничката соработка. Тој додаде дека разговарале за понатамошна соработка во областа на науката, дигитализацијата и ИТ-секторот, нагласувајќи дека Казахстан напредува со извонредна брзина.

Тој нагласи дека за да се реализира планираната соработка, Белград и Астана треба сообраќајно да се поврзат.

Се разговараше и за казахстанските инвестиции во недвижен имот во Србија.

„Ние сме многу заинтересирани, ова е силно растечки пазар, би рекол најсилно растечки во цела Југоисточна Европа и вашите компании кои ги изградија најдобрите хотели и најдобрите станбени и 'real estate' простори во цела Европа од Москва до многу други градови, па добредојдени се и со нетрпение ги очекуваме“, додаде Вучиќ.

Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, рече дека сакаат да ја зајакнат трговијата, како и односите меѓу луѓето.

„Од суштинско значење е да ја развиваме соработката за доброто на нашите народи и секогаш сме посветени на овие заеднички напори. Денеска имавме конструктивни разговори со Александар Вучиќ и постигнавме голем број важни договори. Постигнавме многу важни договори и се договоривме да ги продлабочиме економските и трговските врски меѓу нашите земји, а посебно внимание се посвети на инвестициите во индустријата, рударството и здравството, развојот на иновациите и новите технологии“, рече тој.

Според неговите зборови, Казахстан е посветен на извозот на индустриски преработената храна, а Србија има широк асортиман за извоз во Казахстан. Тој додаде дека има многу нови проекти меѓу двете земји, кои ќе почнат да се реализираат во наредниот период.

Тој рече дека една од клучните области е одбранбената индустрија каде ќе се испита потенцијалот за подлабока билатерална интеграција.

„Го истакнавме значењето од воспоставување партнерства меѓу образовните институции и организациите ангажирани во истражување во областа на земјоделството. Ја охрабрив и Србија да ја зајакне соработката во здравството, информатичките технологии, вселенското истражување и туризмот“, рече Токаев.

Тој ѝ се заблагодари на Србија за помошта на Казахстан за време на поплавите и ѝ честиташе на оваа земја за организирањето на ЕКСПО 2027 година.

Претседателот на Србија пред Палатата „Србија“ му приреди свечен пречек на претседателот на Казахстан, по што следуваше нивна средба.

Одржана е средба на делегациите на Србија и Казахстан, предводени од претседателите, а се одржа и церемонија за размена на потпишаните билатерални документи меѓу двете земји.

Вучиќ и Токаев ќе присуствуваат на изложбата на воена опрема и оружје на воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.