Балкан

БиХ: Продолжува потрагата по настрадани во поплавите и свлечиштата на подрачјето на Јабланица и Коњиц

„Продолжува пробивањето на наносите на патиштата, како и поправката на водоводната, електричната и телефонската мрежа. На жителите на општината им се доставуваат храна и лекови“

Vesna Besic  | 09.10.2024 - Обновена : 10.10.2024
БиХ: Продолжува потрагата по настрадани во поплавите и свлечиштата на подрачјето на Јабланица и Коњиц

САРАЕВО (АА) – Специјализираните спасувачки екипи и денес ја продолжуваат потрагата по жртвите од поплавите и свлечиштата на подрачјето на општините Јабланица и Коњиц, јавува Анадолу.

„Продолжува пробивањето на наносите на патиштата, како и поправката на водоводната, електричната и телефонската мрежа. На жителите на општината им се доставуваат храна и лекови“, соопшти Федералната управа за цивилна заштита (ФУЦЗ).

Во текот на ноќта населението е евакуирано во спортската сала, домот за стари лица и во други објекти.

„Другото раселено население престојува кај роднини, пријатели и познајници. Во прекин се патните комуникации на подрачјето на Општина Јабланица со одредени населени места, како и со соседните општини, а се работи на расчистување на патиштата“, објави ФУЦЗ.

Сѐ уште е во прекин снабдувањето со електрична енергија на одредени подрачја во Општината. Се работи на отстранување на проблемите со водоснабдувањето. Мобилната и фиксната телефонија на некои места и понатаму е во прекин.

Службите надлежни за патниот сообраќај и понатаму работат на подрачјето на Дрежница, каде што патиштата се расчистени, освен делот од патот кон реката Дива Грабовица. Снабдувањето со електрична енергија и телефонските линии се в ред. Водата сѐ уште не е за консумирање.

Потрагата по исчезнати лица во поплавите и одроните продолжи денес на подрачјето на Бутуровиќ Поље и на други места кај сливот на реката Неретвица. Во моментов целата тешка механизација е насочена кон чистење на локалните патишта. Се пробиваат наносите на патиштата, а во исто време се врши поправка на водоводната, електричната и телефонската мрежа.

Редовно се врши дистрибуција на лекови, храна, облека, хигиенски средства и сите други неопходни работи до загрозеното население.

„По наредба на Федералниот штаб за цивилна заштита, наредба на Кантоналниот штаб за цивилна заштита на ХНК и во согласност со наредбата на Градскиот штаб за цивилна заштита на градот Коњиц, до 3:43 часот евакуирани се 330 лица од областа на градот Коњиц погодена од природната катастрофа. Досега се евакуирани вкупно 411 лица“, наведува ФУЦЗ.

Состојбата во општините Кисељак, Фојница и Крешево не е променета, а во тек е расчистување и санација на теренот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.