Владата на Федерацијата БиХ го прогласи 18 март за ден на жалост поради трагедијата во Кочани
„Оваа одлука е донесена со цел да се изрази сочувство до семејствата на жртвите во трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во градот Кочани...“

САРАЕВО (АА) - Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина на денешната итна седница го прогласи 18 март за ден на жалост на територијата на овој босанскохерцеговски ентитет поради трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, јавува Анадолу.
„Оваа одлука е донесена со цел да се изрази сочувство до семејствата на жртвите во трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во градот Кочани, Северна Македонија, кога најмалку 59 лица ги загубија животите во пожарот“, се наведува во соопштението на Владата на Федерацијата БиХ.
Денот на жалост се одбележува со задолжително истакнување на знамето на Босна и Херцеговина на половина копје или на јарболот, на зградите на законодавните, извршните и судските власти, јавните установи, институциите и другите правни лица на територијата на Федерацијата БиХ.
На денот на жалост не може да се одржуваат програми од културно-забавен карактер на јавни места во Федерацијата БиХ, а медиумските куќи на територијата на Федерацијата БиХ се обврзани да ги усогласат и приспособат своите програмски содржини на денот на жалоста.
Ноќта во саботата кон неделата во дискотека во Кочани избувна страшен пожар во кој животот го загубија 59 лица, а повеќе од 150 се хоспитализирани.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.