Балкан

Во Скопје за прв пат се одржа изложба на нерасни кучиња

Настанот е од забавно-едукативен карактер, а идејата е да се зголеми јавната свест за вдомување миленик

Edıta Zekjırovıkj  | 22.05.2022 - Обновена : 23.05.2022
Во Скопје за прв пат се одржа изложба на нерасни кучиња Фото: Едита Зеќировиќ / АА

СКОПЈЕ (АА) – Во Северна Македонија за прв пат се одржа изложба на нерасни кучиња, организирана од страна на јавното претпријатие „Лајка“ во соработка со Кинолошкиот сојуз на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Воислав Димитровски, директорот на Јавното претпријатие „Лајка“, вели дека настанот е од забавно-едукативен карактер, а идејата е да се зголеми јавната свест за вдомување миленик.

„Ова е прв пат во државава да се организира ваков тип на изложба на нерасни кучиња. Односно може да се пријави секое куче кое не е расно, кое можеби личи на некоја раса, но нема педигре. Слободно може да дојде денеска тука и ќе имаме многу убав настан“, рече Димитровски.

На изложбата на нерасни кучиња нема официјални категории, туку категории од забавен карактер: „Најубава женка“, „Најубав мажјак“, „Најигриво куче“, „Најубаво куче (над 10 години)“, „Каков сопственик, такво куче“, „Омилено куче на судиите“, „Најубаво куче со посебни потреби“, „Куче со посебни манири“, „Најубаво стилизирано куче“, „Најдобро големо куче“, „Најубаво бушаво куче“, „Најслатко мало куче“, „Куче што знае најдобро да води дете“, „Најубаво куче со спортски дрес“, „Најубаво куче од вдомени кучиња“ и „Куче со најубави очи“.

„Всушност на ваков начин пробуваме да ја разбудиме свеста за вдомување на кучиња и кучињата коишто се на улица да се погледнат како дел од општеството и дека доколку навистина некој сака да има миленик ете и оваа опција ја има, да вдоми куче. Ние денеска промовираме дека и тие кучиња се еднакво среќни, еднакво паметни во однос на било кои други расни кучиња“, вели Димитровски.

Нерасните кучиња беа оценувани од страна на меѓународниот кинолошки судија, Габриел Стибел.

Оваа година на изложбата на нерасни кучиња беа пријавени околу 47 кучиња, а директорот Димитровски се надева дека од наредната година ќе има повеќе учесници од соседните градови и држави.

Изложбата на нерасни кучиња се одржа во склоп со изложбата на расни кучиња.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın