Балкан

Во Скопје одбележан Светскиот ден на физиотерапевтите

Според Блаже Арсов, претседател на Македонското физиотерапевтско здружение, поради немањето Закон за физиотерапевтска дејност, физиотерапевтите во земјава се соочуваат со ограничувања во извршувањето на нивната работа.

Husameddin Gina  | 07.09.2018 - Обновена : 11.09.2018
Во Скопје одбележан Светскиот ден на физиотерапевтите (Foto: Husamettin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Македонското физиотерапевтско здружение, денес го одбележа Светскиот ден на физиотерапевтите - 8 септември, јавува Anadolu Agency (AA).

Освен одбележувањето на овој ден, на денешната прес-конференција Македонското физиотерапевтско здружение ги повика сите членови и физиотерапевти во Македонија да земат активно учество во кампањата „ФИЗИОТЕРАПИЈА ЗА СИТЕ“, со цел подигнување на свеста за потребата од неа и лесен пристап на физиотерапијата до сите пациенти.

Според Блаже Арсов, претседател на Македонското физиотерапевтско здружение, поради немањето Закон за физиотерапевтска дејност, физиотерапевтите во земјава се соочуваат со ограничувања во извршувањето на нивната работа.

„Македонските физиотерапевти се единствени во светот, кои, освен професионалниот празник, на ист ден го прославуваат и Денот на независноста на Републиката. Но исто така се меѓу малкуте физиотерапевти во светот кои се‘ уште немаат право на своја сопствена реализација преку самостојна физиотерапевтска практика“, рече Арсов.

Според информациите од Агенцијата за вработување за 2016 година, во Македонија има вкупно 378 невработени физиотерапевти. Се претпоставува дека во последните 10 години имаат дипломирано околу 1.000 физиотерапевти. Поради неможноста за реализација во професијата, се преквалификуваат или се иселуваат од државата.

„Македонското физиотерапевтско здружение со голем елан ќе продолжи со активностите“, истакна претседателот Блаже Арсов, и додаде: „Ние не сакаме да војуваме, но предупредувам дека ќе се бориме за нашите права.“

На денешната прес-конференција имаа обраќање и пациентите со цистична фиброза и мултиплекс склероза, кои ги истакнаа своите проблеми и порачаа дека во здравството се потребни коренити промени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.