Балкан

Во Скопје се одржа протест за слобода на осудените за упадот во Собранието на 27 април

„Најостро ги осудуваме политичките обвиненија за терористичко загрозување на уставниот поредок и драконските казни на неправедно осудените за настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 година“, се нагласува во декларацијата.

Husamedin Gina  | 25.04.2021 - Обновена : 26.04.2021
Во Скопје се одржа протест за слобода на осудените за упадот во Собранието на 27 април ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ 

По повод четвртата годишнина од настаните од 27 април 2017 година, македонски организации од земјава и дијаспората денес во Скопје организираа семакедонски мирен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода на уставобранителите“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Протестот на којшто присуствуваа неколку илјади граѓани започна пред Владата на Северна Македонија, а заврши пред Собранието со читањето на декларацијата на семакедонскиот протест.

Во декларацијата што ја прочита оперскиот пејач Игор Дурловски, се побара безусловна слобода на осудените за упадот во Собранието.

„Најостро ги осудуваме политичките обвиненија за терористичко загрозување на уставниот поредок и драконските казни на неправедно осудените за настаните во Собранието на Македонија од 27 април 2017 година. И бараме нивно безусловно ослободување од натамошно извршување на казната и нејзино бришење“, се нагласува во декларацијата.

На протестот исто така беше побарано оставка на Владата и нови парламентарни избори заедно со локалните избори.

„Бараме распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори. Бараме оставка од Владата. Бараме безусловна слобода на уставобранителите“, истакна актерката Арна Шијак, во име на организаторите на протестот.

Учесниците на протестот скандираа „Никогаш северна, само Македонија“, како и „Слобода за уставобранителите“.

Денешниот протест беше поддржан и од опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Декларацијата за слобода на уставобранителите“ ќе биде доставена до претседателот на Република Северна Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ.

Потсетуваме, вечерта на 27 април 2017 година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ протестираа пред зградата на Собранието, а потоа насилно влегоа во собраниската зграда, при што беа повредени пратеници и новинари.

Судскиот совет пресуди вкупно 211 години затвор за обвинетите во овој случај. Апелациониот суд подоцна ги намали казните, но за само една или две години. Од вина е ослободено само едно лице.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın