Балкан

Во Скопје се одржа протест против законите за матична евиденција и родова еднаквост

- „Собрани сме да кажеме „ДА“ на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, бранејќи ги нашите најмили - децата од неприфатливи и нагрдувачки нови идеологии“, порача поглаварот на МПЦ-ОА, Господин – господин Стефан

Admir Fazlagikj  | 30.06.2023 - Обновена : 30.06.2023
Во Скопје се одржа протест против законите за матична евиденција и родова еднаквост Фото: Адмир Фазлагиќ / АА

СКОПЈЕ (АА) - Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) организираше сенароден собир пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, против законите за матична евиденција и за родова еднаквост, јавува Анадолу.

На собирот кој се одржа под мотото „Имаме должност“, присуствуваа неколку илјади граѓани од Скопје и од другите градови од земјата. „Зачувајте ја фамилијата“, „Заштитете ги децата“, „Да за мама и тато, а не за родител 1 и родител 2“, „Вера, традиција, семејство“, беа само дел од паролите кои ги истакнаа собраните граѓани.

„Собрани сме да кажеме „ДА“ на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили - децата од неприфатливи и нагрдувачки нови идеологии“, истакна во својот говор пред присутните поглаварот на МПЦ-ОА, Господин – господин Стефан.

Поглаварот на МПЦ побара да престане, како што рече, „унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и сексуализација.“

„Да престане крајно неприфатливото да им се одзема на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. До кога нашите деца ќе учат од учебници чии содржини се диктираат од туѓи држави и туѓи центри?“, истакна тој и додаде дека „секуларно општество не значи и безбожно општество.“

Законите за матична евиденција и за родова еднаквост црквата ги смета за сериозна закана за општеството и за семејството.

Некои од претставниците на Владата на Северна Македонија претходно објаснуваа дека измените на Законот за матична евиденција се повлечени од собраниска процедура минатата година во март месец, додека предлог-законот за родова еднаквост е во фаза на консултации.

Министерката за труд и социјална политика на Северна Македонија, Јованка Тренчевска, претходно во медиумите изјави дека „Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција.“

„Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, а Законот за родова еднаквост се фокусира на унапредување на положбата на жените во општество. Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право“, истакна Тренчевска.

Таа смета дека Законот за родова еднаквост „ја унапредува положбата на жените во сите сфери на општественото живеење“, истакнувајќи дека „со Законот, ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın