Двојно е зголемен бројот на пациенти со хипертензија за 30 години
- Бројот на пациенти со хипертензија на возраст меѓу 30-79 години се зголемил од 650 милиони на 1,28 милијарди во период од 30 години
АНКАРА (АА)
- СААДЕТ ФИРДЕВС АПАРИ
Бројот на луѓе што живеат со хипертензија, позната и како висок крвен притисок и која значително го зголемува ризикот од болести на срцето, мозокот и бубрезите е двојно зголемен за 30 години и ја достигна бројката од 1,28 милијарди, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) за периодот 1990-2019 година покажуваат дека 700 милиони пациенти од вкупната бројка која достигна 1,28 милијарди не се излекувани.
Во студијата објавена од СЗО и спроведена од Империјал колеџот во Лондон се наведува дека бројот на пациенти со хипертензија на возраст меѓу 30-79 години се зголемил од 650 милиони на 1,28 милијарди во период од 30 години.
Хипертензијата, која е една од најважните причини за смрт и болести во светот, може да се открие со мерење на крвниот притисок. Нејзиниот третман пак, обично може да се обезбеди со евтини лекови.
Во студијата се наведува дека стапката на болеста се намалува во земјите со високи приходи, а се зголемува во земјите со низок или среден приход.
Канада, Перу и Швајцарија имаат најниски стапки на пациенти со хипертензија во светот. Во Доминиканската Република, Јамајка и Парагвај најголемата стапка на хипертензија е регистрирана кај жените; додека во Унгарија, Парагвај и Полска најголемата стапка на хипертензија е забележана кај мажите.
Покрај тоа што бројот на лица со хипертензија е зголемен, мала промена е забележана во процентот на лица со хипертензија кај општата популација поради растот на населението и стареењето.
- Глобална нееднаквост во можностите за лекување
Студијата покажа дека 580 милиони луѓе со оваа болест не се свесни за нивната состојба бидејќи болеста не им е дијагностицирана. Според студијата, повеќе од половина (720 милиони) од луѓето со хипертензија немаат пристап до третманот што им е потребен.
Помалку од половина (42 отсто) од возрасните со хипертензија биле дијагностицирани и добиле соодветен третман, додека 1 од 5 возрасни со оваа болест (21 отсто) успеале да ја контролираат болеста.
Земји во кои хипертензијата ефикасно се лекува се Канада, Исланд и Јужна Кореја. Се наведува дека пациентите во супсахарска Африка, централните, јужните и југоисточните региони на Азија и земјите од Пацификот имаат тешкотии да стигнат до лекување.
Меѓу другото, во студијата констатирано е дека постои глобална нееднаквост во можностите за лекување на болеста.
- Хипертензијата го оштетува мозокот
Според студијата објавена во медицинското списание „Лансет“, откриено е дека хипертензијата го оштетува мозокот во 30-тите и 40-тите години.
Констатирано е дека појавата на болеста во средна возраст може да предизвика оштетување на крвните садови и намалување на мозокот што се случува подоцна.
Експертите исто така наведуваат дека хипертензијата забележана во овој период го забрзува оштетувањето на мозокот.