Балкан

Документите за суровоста на Енвер Хоџа изложени во музеј

Покрај документите, како докази за суровоста на Енвер Хоџа се и фотографиите и мапите, а исто и документите за народните демонстрации кои биле причина за падот на комунистичкиот режим во Албанија.

Fatjon Cuka, Dzihat Aliju  | 20.02.2019 - Обновена : 21.02.2019
Документите за суровоста на Енвер Хоџа изложени во музеј (Foto: Olsi Shehu/ AA)

Albania

ТИРАНА (АА) – ФАТЈОН ЦУКА –

Документите кои претставуваат доказ за тоа дека десетици илјади лица во периодот на Енвер Хоџа, поранешниот комунистички лидер на Албанија, биле егзекутирани во затворите и камповите поради политички причини, и биле испратени во егзил каде што биле затворени, се наоѓаат во Националниот историски музеј во Тирана, каде што продолжуваат да фрлаат светло врз тој период, пишува Anadolu Agency (AA).

Во периодот на Енвер Хоџа, кој започна по Втората светска војна, во текот на околу половина век, десетици илјади граѓани на Албанија биле изложени на суровост поради политички и верски причини, додека рушењето на споменикот на овој комунистички лидер, на 20 февруари 1991 година, во земјата го симболизираше завршувањето на комунизмот во Албанија.

Во периодот на комунизмот низ земјата постоеле 23 затвори и 48 кампови за масивен егзил, додека ден-денес се раскажуваат приказните за тоа што овие лица доживеале во затворите и камповите, каде што антирежимските граѓани биле изложени на различни тортури и биле убиени.

Според податоците на официјалните институции на оваа земја, во периодот на комунизмот околу 60.000 лица биле испратени во егзил во овие кампови, од кои 7.022 починаа во овие кампови. Во истиот период над 34.000 лица биле затворени поради политички причини, од кои 984 лица починале во камповите за кои станува збор, 6.027 биле егзекутирани, додека околу 6.000 лица сè уште се водат како исчезнати.

- Сè уште се чуваат документите за суровоста

Покрај документите, како докази за суровоста на Енвер Хоџа се и фотографиите и мапите, а исто и документите за народните демонстрации кои биле причина за падот на комунистичкиот режим во оваа земја, кои се чуваат во еден специјален дел формиран во 2012 година во Националниот историски музеј во Тирана.

Овој дел е именуван како „Павилјон на комунистичкиот тероризам“ и е поделен на неколку потсекции, и тоа историски дела и документи, начини и алатки за тортура, суровост врз свештени лица, отпор против комунизмот, судски предмети против интелектуалци, местата каде што биле извршени егзекуции, и рушењето на споменикот на диктаторот Енвер Хоџа.

Директорот на Националниот историски музеј во Тирана, Дориан Кочи, во изјава за Anadolu Agency (AA) истакна дека посетителите на овој музеј имаат историско патување во комунистичкото минато на Албанија, и дека има доста заинтересираност за овој дел на музејот.

Кочи рече дека „Павилјонот на комунистичкиот тероризам“, кој е формиран од страна на група историчари, го вклучува, како што рече, насилството кое го карактеризира албанскиот сталинистички режим. Според него, тука на хронолошки начин, со документи и визуелни материјали, се раскажува синџирот на настаните започнати од формирањето на комунистичкиот режим во земјата.

- Суровост врз свештените лица

Во периодот на комунизмот во Албанија стотици свештени лица биле егзекутирани, казнети или испратени во егзил. Со специјален декрет донесен 1967 година биле забранети верските активности, а биле уништени бројни џамии, цркви и теќиња низ земјата.

Според податоците на овој музеј, по 1967 година биле уништени или користени за други намени 740 џамии, 608 православни цркви и манастири, 157 католички цркви и 530 бекташиски теќиња. Во истиот период биле запленети имотите на верските заедници, и било забрането да се слават верските празници.

Кочи раскажа дека една од целите на режимот била создавање таканаречен „рај на земјата“ во спротивност со религиозните верувања.

„Исто и пред 1967 година, муслиманските, католичките, православните и бекташиските свештени лица постојано биле изложени на удари“, нагласи Кочи.

- Рушење на споменикот на Енвер Хоџа

Антикомунистичките протести кои започнаа во декември 1990 година од страна на студентите во Албанија, резултираа со рушење на споменикот на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, споменик кој беше поставен во 1988 година во центарот на Тирана.

Рушењето на споменикот на Енвер Хоџа на 20 февруари 1991 година, значеше и крај на комунистичкиот режим кој околу половина век во земјата предизвика бројни суровости.

Кочи раскажа дека со рушењето на споменикот на Енвер Хоџа, народот упати порака дека умре комунизмот во Албанија. „Со падот на споменикот паднаа и стравот, суровоста и теророт“, рече тој.

Енвер Хоџа (1908-1985) ја водеше Албанија околу 40 години, По неговата смрт, комунистичкиот систем беше предводен од Рамиз Алиа, но само 6 години, откако народните демонстрации во Европа ја зафатија и Албанија.

Во Албанија се формирани бројни институции за расветлување и истражување на комунистичкиот период од 1944 до 1991 година, кои имаат за цел истражување на комунистичкото минато на земјата и информирање на народот околу тоа, како што се Орган за информирање околу поранешни државни безбедносни документи, Институција за интеграција на поранешни политички прогонувани лица, Националниот музеј на таен надзор „Куќа со лисја“, и Институтот за истражување на кривичните дела и последиците на комунизмот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.