Балкан

Заев: „Користењето на обновливите извори на енергија е стратешки приоритет на Владата“

„Користењето на обновливите извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки приоритети. Во таа насока развиваме сериозен енергетски стратешки план", истакна Заев

Husamedin Gina  | 10.02.2021 - Обновена : 11.02.2021
Заев: „Користењето на обновливите извори на енергија е стратешки приоритет на Владата“

СКОПЈЕ

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека користењето на обновливите извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од најважните стратешки приоритети на Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, генералниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски и директорот на Рударско-енергетскиот комбинат РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, денеска одржаа прес-конференција, на која се осврнаа на енергетската транзиција, а потоа одговараа на новинарски прашања.

Посочувајќи дека имплементирање на зеленото сценарио е најприфатливо за развој на земјата, премиерот Заев рече дека со тоа треба да обезбедат економски и еколошки бенефити.

„Користењето на обновливите извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки приоритети. Во таа насока развиваме сериозен енергетски стратешки план и една од точките на Акција 21 (План за европски стандарди дома), покрај животната средина, е и енергетиката“, нагласи претседателот на Владата, Заев.

Истакнувајќи дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификацијата на земјата, Заев рече дека се планираат и се реализираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште.

Премиерот Заев, наведувајќи дека ќе се создаде фонд за енергетска ефикасност за реализација на проекти, нагласи дека целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор.

На прес-конференцијата, генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, истакна дека определбата на Владата и на ЕСМ во однос на енергетиката останува зеленото сценарио и дека се цврсто решени да одат по тој пат.

„Производството на електрична енергија со што помала емисија на гасови е долгорочна цел на која ние работиме сега и веднаш, и вложуваме преку сите наши проекти“, рече директорот на ЕСМ, Ковачевски.

Директорот на Рударско-енергетскиот комбинат РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, потсети дека во 2022 година РЕК Битола ќе одбележи значаен јубилеј од 40 години од почетокот на работата.

Ќурчиевски, нагласувајќи дека започнале со набавка на сопствена механизација за рудниците на РЕК Битола, рече дека компанијата денес потпиша 16 договори со пет фирми за набавка на 36 машини и камиони.

На новинарско прашање дали е можно да има вонредни парламентарни избори во земјата, премиерот Заев одговори дека вонредни парламентарни избори нема да има затоа што вонредните избори нема да ѝ донесат ништо добро на државата.

Премиерот Заев, во однос на тоа дали е подготвен самоиницијативно да го одложи пописот за неколку месеци, наведе дека за сите важни прашања во земјата важно е да има консензус меѓу партиите, но дека пописот е неопходен.

„Дваесет години Република Северна Македонија нема попис. Работиме овде, во Владата, во општините, во институциите, во фирмите, во магла, во матно, не ги знаеме бројките. Пописот ќе се спроведе од 1 април до 21 април. Во лето никој никаде не прави попис. Во септември веќе се подготовките за локалните избори, а во октомври и ќе се одржат локалните избори“, нагласи Заев.

Во однос на вакцинацијата во земјата, премиерот Заев, посочувајќи дека има најави уште утре да стигнат првите вакцини, рече дека очекуваат најбрзо да стигнат вакцините од компаниите „Фајзер“ и „Синофарм“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın