Балкан

НАТО побара од косовските власти да бидат во координација во врска со отворањето на мостот во Митровица

- НАТО смета дека од суштинско значење е и Приштина и Белград конструктивно да се вклучат во дијалог со посредство на ЕУ со цел да се решат нерешените прашања и да се апелира до сите страни, без одлагање да ги имплементираат постоечките договори.

Zylfije Adem Jakupi  | 30.08.2024 - Обновена : 31.08.2024
НАТО побара од косовските власти да бидат во координација во врска со отворањето на мостот во Митровица

ПРИШТИНА (АА) - Помошникот генерален секретар на НАТО за операции, Томас Гофус, изјави дека за време на неговата посета на Косово, на сите соговорници им пренел дека од витално значење е навремената и ефективна координација со НАТО и меѓународната заедница, известува Анадолу.

Претставникот на НАТО вчера во Приштина се сретна со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти.

КФОР информираше дека Гофус побарал координација од косовските власти во врска со бројните проблеми, вклучувајќи го и мостот над Ибар во Митровица, каде што војниците на КФОР имаат долгорочно постојано присуство.

„Некоординираните акции и нереалните рокови, заедно со реториката на поделби, ги поттикнуваат тензиите што ги загрозуваат мирот и стабилноста на Косово“, рече Гофус.

Тој потсети дека на 29 мај 2023 година во Звечан, на северот на Косово, припадниците на НАТО претрпеле неиспровоцирани и неприфатливи напади, во кои повредени беа 93 припадници, од кои некои потешко.

„Ова е неприфатливо. Очекуваме одговорните за минатогодишните настани во Звечан, како и во Бањска да одговараат. НАТО многу јасно го кажа тоа во Белград и во Приштина“, рече Гофус.

Помошникот генерален секретар рече дека НАТО минатата година го зголемил бројот на војници во Косово како дел од мисијата КФОР поради безбедносните предизвици и постојаните тензии. Сепак, тој додаде дека решението мора да биде политичко.

Гофус рече дека НАТО смета дека од суштинско значење е и Приштина и Белград конструктивно да се вклучат во дијалог со посредство на Европската Унија со цел да се решат нерешените прашања и да се апелира до сите страни, без одлагање да ги имплементираат постоечките договори.

„Како што видовме, ненадејните и некоординирани акции, особено на северот на Косово, можат да го зголемат ризикот од насилство, што ја поткопува безбедноста на сите луѓе во Косово и ги зголемува ризиците со кои се соочуваат трупите на КФОР. Како што би очекувале, ова ја зголемува загриженоста на сојузниците и партнерите на НАТО за стабилноста на регионот, безбедноста на Косово и безбедноста на нивните сили“, наведе Гофус.

Тој оцени дека се потребни политички одлуки од сите партии кои вистински се посветени кон намалување на изненадувањата и координација со меѓународната заедница.

„Постои можност и потреба да се преземат позитивни чекори кон деескалација и намалување на тензиите, преку конструктивен дијалог за трајни решенија. Од ова корист ќе имаат сите луѓе во Косово и сите луѓе од Западен Балкан“, заклучи Гофус.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın