Националниот блок „Не отворам врата“ побара Владата на РСМ да потпише Изјава за одговорност во врска со пописот
Бачев, наведувајќи ја епидемијата како втора причина поради која бараат да биде одложен пописот, од Владата побара да потпише изјава за одговорност дека теренските попишувачи нема да ги заразат граѓаните со Ковид-19 при влезот во нивните домови.
СКОПЈЕ
Националниот блок „Не отворам врата“ до Владата на Северна Македонија поднесе Изјава за одговорност, според која премиерот и членовите на Владата треба да обврзат под морална, материјална и кривична одговорност дека 32.000-те попишувачи нема да ги заразат граѓаните со коронавирусот (Ковид-19) при влезот во нивните домови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јанко Бачев од Националниот блок „Не отворам врата“ денеска пред зградата на Владата даде изјава за медиумите во која побара одложување на пописот.
Повикувајќи ги граѓаните да не учествуваат на пописот ако тој не се одложи, Бачев додаде дека „пописот е фалсификуван и дека се договорени процентите меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети."
Бачев, наведувајќи ја епидемијата како втора причина поради која бараат да биде одложен пописот на населението, од Владата побара да потпише изјава за одговорност дека теренските попишувачи нема да ги заразат граѓаните со Ковид-19 при влезот во нивните домови.
Во изјавата која се бара да биде потпишана од Владата, стои:
„Ние, долупотпишаните членови на Владата, под морална, материјална и кривична одговорност изјавуваме дека 32.000 теренски попишувачи и инструктори кои ќе вршат попишување во 80 општини во државата, групирани во 50 пописни реони за време на пописот нема да заразат никого со коронавирусот при нивното влегување во домовите.“
Наведувајќи дека во рок од 3 дена од дијаспората се регистрирани 18.000 граѓани, Јанко Бачев рече дека од нив, 15.000 илјади не се Македонци, а дека најголем број се Албанци.
Како што рече Бачев, „според договорот постигнат меѓу Заев и Ахмети, Албанците во Северна Македонија ќе бидат 35 проценти."
„Не отворам врата” е граѓанско движење составено од повеќе здруженија и организации од Република Северна Македонија, чија цел е оспорување на пописот на населението во Северна Мкаедонија.
Во однос на пописот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието вчера го поднесе Законот за поништување на тековниот попис. Законот е поднесен со пратенички потписи, но поткрепен со над 100.000 граѓански потписи кои партијата ги собираше во текот на минатата недела. Со предлогот се предвидува престанок на важењето на Законот за пописот на населението во 2021, со што практично се бара да сопрат сите активности за статистичката операција.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итна седница на која ќе се расправа Законот.
Пописот на резидентното население на Република Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Директорот на Државниот завод за статистика на РСМ, Апостол Симовски, во изминатиот период во неколку наврати излезе со став дека „доколку се почитуваат предвидените протоколи за заштита, ќе може безбедно да биде спроведен пописот."
Тој истакнува дека ДЗС ќе биде „максимално и комплетно подтовен, оваа операција да ја спроведе во согласност со сите стандарди коишто ги пропишува меѓународната заедница“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.